Финална трка за БЕАМ-наградите

Фестивалот БЕАМ на 4 март ќе ги додели наградите за креативноста и извонредноста во индустријата за настани

Фестивалот БЕАМ, единствената платформа во Македонија која ги наградува најдобрите настани и ги истакнува најуспешните проекти во индустријата за настани, на 4 март ќе ги објави победниците и ќе ги додели наградите во десетте категории.

Годинава на БЕАМ пристигнаа апликации на квалитетни и иновативни проекти, како и професионално реализирани настани кои ја одразуваат динамиката и растот на индустријата. Финалистите се распределени во 10 категории, опфаќајќи културни и музички настани, корпоративни проекти, бренд-активации, спортски и хуманитарни настани, како и конференции, што сведочи за разновидноста и креативноста во оваа сфера.

Комисијата за наградите е составена од докажани и искусни професионалци од областа на културата, креативните индустрии, маркетингот, продукцијата и лајв-комуникациите. Оваа година тие се соочуваат со навистина тежок избор, бидејќи конкуренцијата е силна, а пријавените настани поставуваат нови стандарди во индустријата. Оценувањето се врши според однапред утврдени и јавно објавени критериуми.

– Нѐ радува што оваа година имаме одлични апликации кои покажуваат високо ниво на иновативност и професионализам. Ова е доказ дека БЕАМ е платформата што недостасуваше во нашата индустрија. Жирито има сериозна задача да ги избере најдобрите, а ние со нетрпение ја очекуваме гала-вечерта кога ќе ги прогласиме победниците – изјави Маја Бабиќ, директор на БЕАМ.

Гала-церемонијата и официјалното прогласување на победниците ќе се одржи на 4 март, на која ќе присуствуваат финалистите, клиентите, медиуми и истакнати личности од индустријата и од јавниот живот. Таа вечер ќе биде посветена на креативноста, иновативноста и високите стандарди во организацијата на настани.

Фестивалот БЕАМ започна во 2023 година како единствена платформа за валоризација на креативноста и извонредноста во индустријата за настани во Македонија. Со секое ново издание, БЕАМ поставува нови стандарди и ја истакнува важноста на настаните како клучен дел од современата комуникација, маркетинг-стратегии и културниот развој. Фестивалот е место каде што креативноста, иновацијата и професионализмот добиваат заслужено признание.

Десетте категории во кои ќе бидат доделени награди се: Најдобар културен настан; Најдобар музички настан; Најдобар фестивал; Најдобар корпоративен настан; Најдобра конференција; Најдобар настан за бренд активација; Најдобар експо (саем) настан; Најдобар хуманитарен настан; Најдобар настан на државна институција; и Најдобар спортски настан. Годинава ќе биде доделено и Гран-при на настанот што ќе добие најмногу поени од сите категории.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 270, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2.3.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот