Наградените филмски автори и жирито на 19. „Астерфест“

Фестивалот „Астерфест“ ги врачи наградите на авторите на наградените филмови

Членовите на официјалното жири на 19-тиот „Астерфест“, Зејгам Азизов од Велика Британија, Ганимет Сава од Косово и Никола Пијанманов од Македонија, на 3 август 2024, во Струмица, едногласно донесоа одлука за наградените автори и филмови.

Гран-при (Најдобар краток филм) доби краткиот игран филм „Љубовни маки“ на Александер Саул („ММ Продукции“, Данска). Наградата „Златна потковица“ ја доби краткиот анимиран филм „Гилгамеш“ на Шаќир Весели (Албанија), „Сребрена потковица“ доби краткиот игран филм „Прошетка“ на Елеонора Венинова (Македонија), додека „Бронзена потковица“ доби краткиот игран филм „Фортисимо“ на Виктор Цеска (Франција).

Наградата за најдобар режисер „Ацо Алексов“ ја доби Небојша Слијепчевиќ за краткиот игран филм „Човекот кој не можеше да молчи“ (Хрватска). Наградата за најдобро сценарио „Ѓорѓи Абаџиев“ ја доби краткиот анимиран филм „Споменик“ на Сиџјиа Џенг и Џјашји Ву (САД). Специјални признанија од жирито добија и краткиот документарен филм „За живеењето“ на Сезер Салихи (Македонија) и краткиот анимиран филм „Мигови“ на Катја Фридрих (Германија).

На 4 август во Амфитеатарот во Струмица астерфестовската публика имаше прилика да ја гледа раритетната копија на долгометражниот игран филм „Преку езерото“ во чест на лауреатот Антонио Митриќески, како и кратките филмови „Со кренати раце“ на Митко Панов и „Лифт горе, лифт долу“ во режија на Душан Наумовски.

На последната фестивалска вечер, на 5 август ќе бидат прикажани наградените кратки филмови, како и култниот филм „Црно семе“, во знак на петгодишнината од смртта на филмскиот режисер Кирил Ценевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот