Дизајнот на постерот е на Гоце Илиевски

Фестивал „Стрип трип“: Љубовта кон стрип-културата ги урива сите предизвици и препреки

Второто издание на стрип-фестивалот „Стрип трип“ се одржува на 8 и 9 јуни, од 12 до 19 часот, во Младинскиот културен центар во Скопје, а земја во фокус на фестивалот е Италија.

Фестивалот „Стрип трип“ ќе понуди богата дводневна програма за сите обожаватели и љубители на Деветтата уметност преку изложби и промоции на повеќе дела од домашни автори, како и промоција на графичкиот роман „Чанбара“ од италијанските автори Андреа Акарди и Роберто Рекиони, кои ќе бидат специјални гости на фестивалот.

Дел од програмата ќе биде и доделувањето на наградите „Македонско стрип наследство“, која ќе ја добие доајенот на стрип-цртањето Миле Топуз, и „Македонска стрип иднина“, а ќе има и неколку трибини со гостите, поткаст во живо на „Дебели гикови“, како и работилница за млади таленти и групна цртачка сесија.

Во организацијата на фестивалот и во реализацијата на активностите се вклучени стрип-книжарницата „Бункер“, здружението „Макстрипови“, „Стрип квадрат“, „Парагонс комикс“ и „Комикс МК“.

– „Стрип трип“ е авторски фестивал каде што гледаме да го промовираме македонскиот стрип, но и светскиот да го донесеме во Македонија. Годинава во фокус на фестивалот е Италија, која е лидер во производството на стрипови во Европа и благодарение на Италијанската амбасада во Скопје ќе ги донесеме Андреа Акарди и Роберто Рекиони, кои се исклучително познати и значајни во светот на стрипот – истакнува Давор Драмиќанин, еден од организаторите на фестивалот и дел од Здружението за промовирање на стрип-културата „Макстрипови“.

Македонското издание на графичкиот роман „Чанбара“ е во издание на „Бункер“. Комплетната организација на фестивалот е базирана на чист ентузијазам со нула (0) денари поддршка од Министерството за култура, но со огромна љубов кон стрип-културата, која ги урива сите предизвици и препреки, а организаторите велат дека се горди што оваа уметност повторно станува тренд кај помладите генерации. На ентузијастичка база и со помош од Италијанската амбасада стапиле во контакт и со познатиот Макс Бункер.

Илустрација „Алан Форд“, автор – Игор Јовчевски

Ексклузивно интервју со Макс Бункер

Лучано Секи (псевдоним на Макс Бункер) е автор на популарната стрип-серија „Алан Форд“, која ја осмисли и ја создаде заедно со илустраторот Магнус (псевдоним на Роберто Равиола) во мај 1969 година. Овој забавен стрип во 1972 година почна да излегува и во тогашна Југославија и веднаш доживеа голем успех, кој трае до ден-денес, и прерасна во вистински балкански култ. Во пресрет на второто издание на фестивалот „Стрип трип“, се појави можност да направиме ексклузивно интервју со големиот Макс Бункер.

Почнуваме со прашањето што им лежи на срце на сите македонски љубители на „Алан Форд“, како и на оние од другите балкански земји: минатото лето најавивте дека во јуни годинава ќе го завршите серијалот „Алан Форд“ со епизодата број 660. Дали ја потврдувате оваа најава?

– Замислете: во една пригода се пошегував на таа тема, но некој ме сфатил сериозно и ја проширил веста… Не, „Алан Форд“ нема да заврши, „Алан Форд“ ќе излегува до бесконечност (ден-два повеќе или помалку).

Сосема сам и без прекин, цели 55 години ги пишувате приказните за овој серијал, што веројатно претставува своевиден светски рекорд. Како успеавте толку долго да ја одржите мотивацијата и инспирацијата за создавање на овој толку оригинален и значаен стрип?

– Претпоставувам дека станува збор за природна дарба. Се сеќавам дека кога имав 10 години, додека ми беше здодевно на часовите по математика, се забавував така што создавав стрип-приказни. Бев лош цртач, но добро пишував. И додека по математика добивав двојки, множев петки и пофалби на часовите по италијански, латински, историја и странски јазици.

Сигурно сте запознаени со големиот успех што Вашиот стрип го доживеа на Балканот, каде што сѐ уште се објавуваат и новите епизоди, но и одново се печатат постарите изданија. Но, дали знаете дека многу „аланфордовски“ изрази станаа дел од секојдневниот речник на многумина во овие земји, па дури и кај луѓе што не се свесни дека потекнуваат од „Алан Форд“?

– Тоа е неверојатно. Можеби постои некоја несвесна блискост во начинот на размислување. Како и да е, многу ме радува!

Како си го објаснувате ова силно влијание врз поп-културата на нашиот регион?

– Мислам дека сте почувствителни од Италијанците на ова поле. Знаете дека на самиот почеток стрипот не се продаваше многу добро. Потоа, постепено почна да се јавува сѐ поголем интерес, сѐ до епизодата бр. 26 со наслов „Суперхик“, со која продажбата доживеа бум со речиси 200.000 продадени примероци. Дури многу подоцна дознав дека кај вас „Алан Форд“ станал своевиден феномен многу порано отколку во Италија. Браво!

Какво е Вашето мислење за преводот на Ненад Брикси во првите години? Дали некогаш се запознавте со него?

– Ненад Брикси беше фантастичен преведувач, со одлично познавање на двата јазика. Многу е важно, би рекол од суштинска важност, преведувачот да има многу длабоко познавање на изворниот и на целниот јазик, да ги препознава и да ги толкува нијансите во текстот. Брикси тоа одлично го правеше, тој ги препознаваше сите скриени значења и жаргонските изрази. За жал, никогаш не сме се сретнале.

Годинава во Скопје се одржува второто издание на фестивалот „Стрип трип“ во организација на здружението „Макстрипови“, а оваа година земја во фокусот е Италија. Можете ли да ни дадете некој совет за младите уметници што се впуштаат во светот на стрипот? А и неколку совети за нас, како да ги мотивираме да ги остварат своите проекти?

– Совет за цртачите: треба одлично да ја познаваат анатомијата. Совет за сценаристите: за мене тоа е нешто што доаѓа само од себе, на инстинктивен начин. Никогаш не ми претставувало проблем, со леснотија создавав многу јаки ликови. Значи треба да доаѓа однатре, приказните се резултат на талент и креативен жар. Исто така, читањето многу помага. Треба многу да читате и да се инспирирате, но не за да копирате туѓи приказни, туку за да добиете желба да создадете нешто ново, поинакво.

(Интервјуто е реализирано од Здружението „Макстрипови“, во соработка со Амбасадата на Италија во Скопје, за фестивалот „Стрип трип“ 2024. Прашања: Давор Драмиќанин и Н.Е. Андреа Силвестри. Превод: Деа Крстевска Тамборини. Илустрациjа: Игор Јовчевски)

(Текстот и интервјуто се објавени во „Културен печат“ број 234, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 8-9.6.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!