Фестивал на нем и класичен филм ќе се одржи во Кинотеката

Со проекција на „Носферату, симфонија на стравот“, филм на Фридрих Вилхелм Мурнау од 1922 година, во музичка придружба на Џијан Емин, на 31 август (среда) во 20 часот, во летното кино „Мирно лето“, Кинотеката го почнува годинешното издание на Фестивалот на нем и класичен филм, што ќе трае до 7 септември.

Во 14 термини ќе бидат презентирани три филма на типичниот претставник на германскиот експресионизам, Мурнау, два со Бастер Китон – „човекот со каменото лице што го засмејуваше светот“ од ерата на немиот филм, мини-циклус на Рајнер Вернер Фасбиндер, по еден филм на француските авторски ведети Луј Мал и Клод Соте, како и домашното документарно наследство – „Филмски новости“ (1945-1948). На последната вечер на фестивалот, во летното кино ќе бидат прикажани три етнолошки филмови во чест на проф. д-р Вера Кличкова, по повод 111 години од нејзиното раѓање. Проекцијата на филмовите „Русалиски обичаи во Гевгелиско“, „Велигденски обичаи“ и „Мариовска свадба“ е дел од проектот „Сезона на филмски класици“ на Асоцијацијата на европски кинотеки, со чија финансиска помош истите беа дигитализирани и дигитално реставрирани.

Освен „Носферату“, ќе ги видиме и филмовите „Фауст“ и „Патување во ноќта“ на Мурнау. Можеби ќе звучи како интересна паралела што актерот Вилхелм Дитерле, кој во филмот „Фауст“ го игра братот на Гречен – Валентин, во 30-тите години од минатиот век емигрирал во САД и направил светска кариера како режисер и актер под името Вилијам Дитерле. Во богатата кариера го режирал и „Дубровски“ (1959; според истоимената новела на Александар С. Пушкин за руската варијанта на Робин Худ) под оригиналниот наслов „Одмаздникот“ како копродукција меѓу „Вардар филм – Скопје“ од Македонија и „Хеспериа филм – Рома“ од Италија. Во него, покрај актерите Џон Форсајт (за нашата публика најпознат по главната улога во некогаш мега-популарната ТВ-серија „Династија“), Росана Скиафино, Пол Далке и Мерио Бернарди во главните улоги, играат и Илија Џувалековски, Драгомир Фелба, Дара Милошевиќ, Јован Јаниќиевиќ, Божидар Дрниќ, а во екипата на филмот учествувале и Ацо Петровски како директор на филмот, костимографката Мира Глишиќ, асистентите на режија Александар Ѓурчинов, Кочо Недков и Миомир Мики Стаменковиќ, потоа асистент снимател Љубе Петковски, асистент на сценографија Диме Шумка и организаторот на снимање Ристо Теофиловски-Риџвеј.

Интересно е и дека на аудицијата за главната женска улога била одбиена Лени Рифенштал, подоцна успешна актерка, а уште попозната како режисерка на пропагандните документарни филмови од периодот на нацистичка Германија, од кои најпознати и се „Триумф на волјата“ и „Олимпија“.

Фасбиндер пак, во својот краток и бурен живот (1945-1982) снимил 30 филма за 12 години. Овој вљубеник во холивудските мелодрами на Даглас Сирк, во раната младост ќе ја „размрда“ германската и европската кинематографија со своите бескомпромисни филмови. За ова издание на Фестивалот на нем и класичен филм, од неговата исклучителна филмографија селектирани се филмовите „Лили Марлен“, „Бракот на Марија Браун“, „Ефи Брист“, „Копнежот на Вероника Фос“ и „Марта“.

(Текстот е објавен во ТВ и Филмски печат на 26 август 2022 во весникот „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот