Феникс го изненади МЗТ Скопје во соседското дерби во „Јане Сандански“

Фото: КФСМ

Соседскиот дуел во СЦ „Јане Сандански“, изненадувачки, им припадна на кошаркарите на Феникс 2010. Беа подобар ривал од МЗТ Скопје Аеродром, и на крајот и се радуваа на големата победа над фаворитот во овој натпревар (73:69).

Одлично почнаа домаќините против соседите во СЦ „Јане Сандански“. Во нецели пет минути, поведоа со (9:2). И не застанаа, ја продолжија својата серија на поентирање, и дојдоа до уште поголеми (18:2), а не беа поминати ниту седум минути од натпреварот.

Анемијата во нападот на „металците“, со тројка ја прекина Крстевски, за (5:20). Но до истекот на првиот период, Феникс 2010 го одржа тоа убедливо водство, имаше неверојатен плус од 15.поени, (22:7).

Без некои особено битни промени, посебно во резултатот се играш во вториот период. Доста изедначен, што беше предност за домашниот тим, кој на тој начин го чуваше високото водство стекнато во оној воведниот.

Одлично во офанзивата функционираа Митревски, Трајковски, и особено Рис (веќе беше двоцифрен, даде 11.поени), креираа уште поголема позитива (37:19), која ја имаа во 18.минута.

Но на одмор двете екипи заминаа со идентична разлика, како онаа по првата четвртина, (39:24) за Феникс 2010.

Имаа домашните кошаркари уште поголеми (46:29), но МЗТ Скопје заигра многу поангажирано во средишниот дел од третата четвртина во кој „симна“ дел од негативата, намали на (35:46). Како најава за серијата на гостите, по која дојдоа на само „половина поен“ негатива (48:49), за Метјус да постави (51:48) во корист на Феникс 2010, по три одиграни четвртини.

На почетокот на последниот дел, Д. Стојановски донесе и егал скор (51:51), откако беше точен во обидот за три поени. Новата тројка, која дојде од репрезентативниот колега на Стојановски, Робев, му даде предност на тимот во „сино-бела“ комбинација (57:53).

Но дојде редот на поентирање за домашната страна. За нова промена на водството, и солидни (65:59) на 4:35 минути пред крајот. Ама само за кратко, затоа што В. Стојановски донесе ново израмнување (65:65), кога останаа да се доиграат нецели три минути.

Потегот на вечерта, се чини, дека му припадна на Митревски. Својата добра партија, со тројка, во можеби и најважниот момент, која донесе водство од (70:65), ја потврди класата на младиот репрезентативец. По половишнито ефект на Џонс, за (71:65), беше мирен од линијата за слободни фрлања (негов 15.поен), за недостижни (73:65).

Рис беше најдобриот стрелец во победничката екипа, реализираше 22. поени, Трајковски додаде уште 12, додека на другата страна, браќата Стојановски искомбинираа 30.поени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот