
ФДА: Починаа шест учесници за време на тестирањето на вакцината на „Фајзер“ против ковид-19, двајца примиле вакцина, четворица плацебо
За време на долгиот тест период на анти-ковид вакцината на американската компанија „Фајзер” и германскиот „БајонТек” починаа шест учесници, но смртните случаи, според федералните истражни органи не се директно поврзани со примањето на вакцината, се наведува во документот објавен на веб-страницата на американската Администрација за храна и лекови (ФДА).
Препорачано
– Има шест смртни случаи во текот на извештајниот период (двајца починати во вакцинираната група и четворица во плацебо групата), се вели во документот.
Потврдено е дека во групата на лица кои примиле вакцина, еден учесник со артериосклероза и вишок на килограми починал три дена по првата доза, а друг учесник доживеал срцев удар 60 дена по втората доза и починал три дена подоцна.
Во плацебо групата, две лица починале од мозочен и срцев удар, а причината за смртта на уште двајца учесници не е утврдена. Пола од смртните случаи во сите групи биле на над 55 годишна возраст. Ниту еден од смртните случаи, според истражиталите, не е поврзан со вакцината.
Администрацијата за храна и лекови (ФДА) закажа состанок за 10 декември за одобрување на вакцината произведена од „Фајзер“ и „БајонТек“. Компаниите аплицираа за одобрување на 20 ноември.
Претходно беше соопштено дека американските власти очекуваат да започнат со вакцинација на своите граѓани против коронавирус на 11 или 12 декември.