
Факт е дека борбата со епскиот криминал е популистичка
Македонската полиција работи и во недела, обзнани министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој одблиску појде да види како полицијата сузбива криминална група. Сигурно ќе работи и на Нова година, а тоа ќе го објави министерот.
Препорачано
Нормално, македонската полиција работи во недела и за Нова година од нејзиното основање. Треба да работи за граѓаните, но откога дојде професорот Христијан Мицкоски, адвокатот Тошковски е ударна тупаница во робусната акција што ја спроведува власта против криминалот. Професорот ги најавува акциите во јавност, а адвокатот, „факт е“, ги спроведува против „предметните лица“.
Омилено предметно лице, секако, е поранешниот вицепремиер Артан Груби, вториот човек на „озлогласената“ ДУИ, кој иако „чист како солза“ навреме замина да заврши некои приватни обврски, пред полицијата да влезе кај него дома. Истрагите за епскиот криминал што се правел во „Државна лотарија“ и во енергетскиот сектор Мицкоски ги најави уште кога беше мандатар, но правдата што им ја вети на граѓаните, не можеше веднаш да ја испорача.
Кабает му беа обвинителите и судиите што кога требало да се спроведе нешто важно, ги фаќало пролив, анксиозност, имале температура, а знаел дури и кога некои обвинителки имале добиено.
– На некој обвинител, кога треба да потпише налог за приведување или претрес итн., му се слошило, добил дијареја, со гушење, зголемена температура или добила итн. Секогаш тие наоѓаат некаков начин да ја опструираат акцијата на органите на прогонот. Јас сум жестоко разочаран од ова што се случува денес, но верувајте нема да биде уште долго, туку ќе влеземе во една робусна акција и, ако треба, со тие корумпирани обвинители и судии ќе се справиме и на поинаков начин – изјави Мицкоски.
Само Дамева поднесе оставка
Додека Мицкоски речиси секој ден ги навредуваше и судиите и обвинителите, тие молчеа, освен Весна Дамева, која на денот кога требаше да почне оваа акција, поднесе неотповиклива оставка и го обвини Мицкоски и извршната власт за притисок, закани и несоработка.
Всушност, Судскиот совет остана единствената институција каде што Мицкоски успеа да изнуди оставка од претседателката, да устоличи свои кадри, како што и најавуваше. На пример, сопруга на актуелен градоначалник. Неговиот коалициски партнер успеа да влезе во Советот на јавни обвинители преку адвокат, кој во своето „си-ви“ имаше фотографија со лидерот Изет Меџити и многу телевизиски настапи.
Советот на јавни обвинители не е голем „трн во око“, но Судскиот совет е тој што ја мачи власта. Така, иако група судии експерти од ЕУ составија препораки што треба да се спроведат за да се зајакне довербата во проблематичното тело, сепак за по Нова година се најавува разрешување на членовите избрани во Собрание, меѓу кои е и Дамева.
Обвинителите, пак, молчешкум се приспособија на барањата на власта и по „црната листа“ што ја објави Стејт департментот, а на која се најдоа Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети, тргнаа во акција, заедно со МВР.
Американската амбасадорка Анџела Агелер, која редовно се сликаше со Груби додека ДУИ беше дел од власта, во интервју за „Слободен печат“ кажа дека не е изненадена што тој се нашол на оваа листа.

Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски ја нагласи одличната соработка на Обвинителството и со стратешките партнери, особено со Амбасадата на САД во земјава, и веднаш оформи предмет за да се соберат докази дали поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков преку Груби дал поткуп за судијата Беџети доволно долго да го држи предметот за масовното прислушување во фиока со цел да застари.
Објавата на „црната листа“ можеби немаше правни последици, но дојде во време кога ДУИ го „чуваше албанскиот јазик“ пред Уставниот суд, но и по инцидентите за Денот на албанското знаме кога по долги години мирни прослави беа запалени и македонски, а се сквернавеа и албански знамиња.
Тие инциденти беа потврда за најавите на премиерот дека ДУИ спрема дестабилизација. Тошковски почна да ги апси малолетниците што палеа и сквернавеа, но не одговори зошто не ги превенираше овие инциденти ако и премиерот и службите усно го информирале дека има ваква опасност.
Сивило и по објавувањето на „црната листа“
По објавувањето на најновата „црна листа“, почнаа големите акции на полицијата заедно со Обвинителството. Кривични пријави поврзани со „Државна лотарија“, а од толку голем криминал Груби беше фатен за „проневера во службата“, односно дека претседавал со владината седница на која заедно со директорот на „Лотарија“ Перпарим Бајрами го оштетиле претпријатието за 8,2 милиони евра. Како избегал Груби и дали некој му дојавил дека два дена пред да избега МВР поднело кривична пријава против него, сè уште се истражува. Засега виновен е само полицаецот што го пуштил на граничниот премин, иако Груби бил на „стоп-листа“.
– Полицискиот службеник од гранична полиција прави кардинална грешка, наместо да констатира дека тој е на стоп-листата, тој, вознемирен или возбуден од политичката големина на лицето што ја напушта Македонија или од луксузот на возилото, без да ја спроведе стандардната процедура и да констатира дека овој е на стоп-листата, го пушта да излезе непречено – рече Тошковски.
Иако успешно ги исчисти кадрите на претходникот Оливер Спасовски и ги „смести“ во казнени одделенија, сепак на Тошковски „кртови“ од полицијата му ги пробиваа акциите. Како што би рекол тој – „факт е“ дека тргна кон криминалната група „Беланоца/Барон“, која со години остана нечепната од неговиот претходник, а нејзиниот водач Фатљум Ајети Тоте од „Идризово“ даваше насоки за убиства, палење на автомобили на затворски чувари, па дури и возилото на директорот на затворот.
Од 18-члената криминална група, неколкумина веќе беа во затвор или во притвор, само четворица завршија во Шутка, а петмина избегаа. Но, факт е дека Тошковски засега не стасат да го уапси водачот на „Грчец“, Шеваљ Муареми, кој дава интервјуа на телевизија од Дубаи. Затоа најде двајца пензионирани полицајци што му оддавале информации на Шеваљ, но не и обвинители и судии, како што тврдеше Спасовски.

Шеваљ ќе ја слави Нова година во Дубаи, Тоте во затворот во Куманово, Груби во Албанија, а поранешниот премиер Никола Груевски во Будимпешта. Не се знае каде ќе ја слави Нова година поранешниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.
За него не се бараше ниту притвор, ниту, пак, судот има одредено мерки за претпазливост. МВР дури по половина месец ги извести институциите дека тој е недостапен за органите на прогонот, ама обвинителството сепак не побара притвор за него, затоа што е обвинет за несовесно работење во службата.
Откако Тошковски остана „вчудовиден“ што обвинителството не побарало притвор за него, обвинителите побараа притвор, а МВР го стави во потраги. Од најавениот епски криминал во АД ЕСМ и РЕК Битола, досега има истрага само за криминалната набавка на адитиви.
До Обвинителство веднаш допира само гласот на премиерот
Борбата со корупцијата е високо на агендата на новата власт која беше избрана оваа година. Стратешките партнери од САД му даваат отворена поддршка на Мицкоски, исто како и граѓаните кои беа разочарани што претходната власт не испорача правда.
Но, оваа шанса може брзо да се прокоцка со Обвинителство каде веднаш допира само гласот на премиерот, со обвинителско-судски тела каде претходните „нивни“ се заменуваат со „наши“ и со Државна комисија за спречување на корупцијата која за неполна година успеа да урне сè што отвори и работеше претходниот состав, па во дослух со власта отвори предмети за членови на Судскиот совет кои со години се дел од Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители и го „исчисти“ новоизбраниот директор на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски.
Тој, под сомнеж за лажен сертификат по англиски јазик, со експресно завршен факултет на приватниот Универзитет за туризам и со заеднички фотографии со функционери на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја враќа довербата во безбедносните служби, заедно со оспорените биографии на новите директорки на Агенцијата за разузнавање.
Ако почетокот е знак за понатамошното владеење, може да очекуваме само популистичка борба со епскиот криминал.