Луѓе пазарат во маркет / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Фајронт за новогодишната акција: Засега без најави за нови поскапувања, ама јануари е долг, кој знае…

Од Министерство за економија и труд, упорно тврдат дека Новогодишната кошница била успешна, а што ќе следи понатаму зависи и од берзантските цени, но и од фактот дали ќе се почитува Законот за нефер трговски практики

Откако утре ќе ги тргнат етикетите „помалку трошоци, повеќе за вас“, со кои изминатиов месец ги обележуваат производите од новогодишната акција, барем во првите денови, трговците не очекуваат драстични поскапувања на храната.

За „Слободен печат“, дел од менаџерите на маркетите велат дека првенствено цените ќе се вратат на ноемвриското ниво, а што ќе следи понатаму зависи и од берзантските цени, но и од фактот дали ќе се придржуваат кон Законот за нефер трговски практики. Во меѓувреме, во трговијата секојдневно се зголемува бројот на акциски намалени производи, што заради нивниот кус рок на траење, што заради превисоката редовна цена.

Така на акција, сè уште се продаваат празничните залихи на свежо свинско месо, дел од саламите и кашкавалите, како и некои брендови на чоколади, кои и наводно намалени им беа прескапи на граѓаните.

Граѓаните, посакуваат константно намалени цени оти не виделе големо фајде од намалувањето од 1 денар на пакетче грицки, или од неколкуте денари за вафлите… Тие ѝ порачуват на Владата да не се расфрла со бројки во кошниците, ами да креира пакет од неколку најкористени намирници, ама со реално намалување. Од Министерство за економија и труд, пак, упорно тврдат дека Новогодишната кошница била успешна, а трошоците за храна и пијалаци во декември се намалиле за 0,3 отсто.

-Главната цел на Новогодишната кошница којашто беше креирана од бизнисот, односно од производителите, дистрибутерите и трговците, беше да се направи поширока листа на одделни прехранбени производи коишто се ставија со намалени цени на рафтовите. Со неа се спречи зголемување на цените пред и за новогодишните и божиќните празници и се одржа стабилно ниво на инфлацијата во месец декември 2024 и месец јануари 2025 година, за време на новогодишните и божиќните празници кога има зголемена потрошувачка – велат од Министерството за економија за „новогодишната кошничка“.

Според ресорот на министерот Бесар Дурмиши, новогодишната акциска продажба каде што беа вклучени во најголем дел прехранбени и безалкохолни пијалаци го дала својот ефект и цените на храната и пијалаците во декември 2024 година бележат намалување во однос на ноември 2024 година. Се очекува и во статистичките податоци за месец јануари 2025 година во однос на декември 2024 година да се потврдат ефектите од новогодишната кошница, односно да се оствари дополнително намалување на трошоците за живот кај храна и безалкохолни пијалаци, смета министерот за економија и труд.

Властите од почетокот на март најавуваат слични мерки со намалени цени и за Рамазан, а од средината на април и за велигденските празници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот