
Еврото како алтернатива на доларот: Реалност или утопија?
Eврото има потенцијал да го замени доларот како водечка глобална валута, но за тоа ЕУ мора да спроведе длабоки реформи во финансиската интеграција, правната стабилност и безбедносната политика. Кристин Лагард истакнува дека само со зајакната геополитичка и економска структура, еврото може да стане вистински глобален конкурент на доларот.
Во говорот одржан на 26 мај на Херти Скул, школа за управување и јавна политика во Берлин, претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, даде амбициозна, но прецизна визија за иднината на еврото, повикувајќи на суштинска трансформација на финансиската и геополитичката архитектура на Европската Унија. Таа нагласи дека еврото има реален потенцијал да го замени американскиот долар како водечка глобална валута, но дека оваа транзиција нема да биде можнa без длабоки, структурни промени во рамките на самиот европски блок.
Препорачано
Во контекст на зголемената глобална нестабилност и намалената доверба во американската фискална политика, многу инвеститори го намалуваат своето изложување кон доларот. Иако тоа претставува можност за алтернативни валути, се забележува зголемен интерес кон златото, наместо кон еврото. Причината за тоа, според Лагард, е недоволната способност на ЕУ да ја понуди стабилноста и довербата што инвеститорите ја бараат. Таа предупреди дека глобалните инвеститори, особено централните банки и суверените фондови, преферираат валути од земји со силна геополитичка положба, развиена воена моќ и способност за исполнување на сојузничките обврски. Во таа смисла, ЕУ мора да ја ревидира својата стратешка позиција и да инвестира повеќе во своите безбедносни капацитети.
Притоа, Лагард не зборуваше само за воена сила, туку и за економска кохезија. Таа остро укажа на фрагментираноста на европскиот капитален пазар, кој сè уште нема создадено универзален и сигурен финансиски инструмент кој може да се мери со американските државни обврзници. Тоа, според неа, го прави еврото помалку атрактивно за глобалните инвеститори. Неопходно е да се создаде длабок, интегриран и ликвиден пазар на капитал, што би овозможило полесно финансирање на инвестиции и би ја зголемило улогата на еврото во глобалните финансиски текови.
Лагард истакна и дека е клучно да се зајакнат правните и институционалните рамки во ЕУ, со цел да се зголеми довербата кај странските инвеститори. Според неа, правната сигурност, предвидливото донесување одлуки и ефикасните регулаторни механизми се неопходни за секоја валута што сака да игра глобална улога. Таа предложи еврото да се промовира како главна валута за меѓународна трговија преку склучување нови трговски договори, поефикасни прекугранични плаќања и воспоставување механизми за ликвидност во партнерство со Европската централна банка.
Сепак, една од најконтроверзните точки од нејзиниот говор беше повикот за воспоставување заеднички механизам за финансирање, со цел да се создадат безбедни европски обврзници кои би можеле да ја надополнат или дури да ја заменат улогата на американските државни хартии од вредност. Оваа идеја со години наидува на отпор кај одредени земји членки, особено Германија, кои стравуваат дека заедничкото задолжување може да доведе до прераспределба на долгот и да ги изложи нивните даночни обврзници на ризици поврзани со фискалната дисциплина на другите земји од еврозоната. Сепак, Лагард тврдеше дека ваквиот механизам е суштински за стабилноста на еврото на глобално ниво и дека бенефитите од заедничкото финансирање – како што се пониски трошоци за задолжување, поголема отпорност на финансиски шокови и помала зависност од надворешни финансиски извори – се значително поголеми од потенцијалните ризици.
На крајот, Лагард порача дека ако ЕУ успее да ги спроведе овие реформи, тоа не само што ќе го зајакне еврото како глобална валута, туку и ќе ѝ овозможи на Европа да биде поавтономна, поотпорна на санкции и флуктуации на девизниот пазар и поспособна да ги брани своите економски интереси во еден се понестабилен свет. Со други зборови, оваа визија за еврото не е само монетарна, таа е длабоко политичка, економска и геополитичка, и бара колективна волја, стратешко размислување и институционална храброст.