Фре-шоп/ Фото: Принскрин

Судбината на грчките фри-шопови на границите со Македонија, Турција и Албанија ќе ја решава Европскиот суд на правдата

Европската комисија ја објави својата одлука да ја упати Грција во Судот на правдата на ЕУ, поради непочитување на европската директива со која се воспоставува општ режим на акцизи, објави То Вима. Во своето соопштение, Комисијата наведува дека Грција ги ослободува од акциза производите што ги испорачуваат фри-шоповите на нејзините копнени граници со Македонија, Албанија и Турција. Според правото на ЕУ, земјите членки кои на 1 јули 2008 година имале продавници без царина надвор од аеродром или пристаниште можеле да го користат ова ослободување до јануари 2017 година.

„И покрај фактот дека ова повеќе не е дозволено, според правилата на ЕУ, Грција продолжува да го користи ова ослободување“, нагласува Комисијата, која смета дека напорите што ги вложиле досега грчките власти се недоволни. Поради оваа причина, ја упатува Грција до Судот на правдата на Европската Унија.

Како резултат на последователните законски измени усвоени од 2016 до 2023 година, Грција продолжува да ги ослободува од акциза испораките на производи што подлежат на акциза, направени од продавници лоцирани на нејзините копнени граници, за патници што одат во земји надвор од ЕУ. За да се обезбеди правилно функционирање на внатрешниот пазар, Директивата на Советот (ЕУ) 2020/262 утврдува унифицирани правила во врска со, меѓу другото, времето кога акцизата станува наплатлива и испораките на акцизни стоки за кои може да се примени ослободувањето.

Од јануари 2017 година, испораките на акцизни стоки од продавници лоцирани на копнената граница за патници кои патуваат во земји надвор од ЕУ, повеќе не можат да бидат ослободени од акциза според правото на Унијата и ќе треба да се плати соодветната акциза.

Во меѓувреме, како што веќе пишуваше „Слободен печат“, иако нашата земја не е членка на ЕУ, фри-шоповите на патните гранични премини се затворени уште од 1997 година, бидејќи Македонија строго ги почитува европските правила што дозволуваат вакви продавници само на морските пристаништа и авиопристаништата. Од друга страна, државата губи десетици милиони евра, кои нашите граѓани ги трошат при излезот од соседна Грција, купувајќи цигари, парфеми, алкохолни пијалаци, чоколади.

Лани над 1,1 милиони наши граѓани ја посетиле Грција, а илјадници патници транзитираат низ земјава. Од друга страна, преку граничните премини Богородица и Евзони годишно транзитираат од 5 до 6 милиони патници. Ако се претпостави дека просечно сите оставиле по најмалку 10 евра на странските фри-шопови, излегува дека Македонија губи стотици милиони евра годишно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот