Фото: Европски фронт

Европскиот пат на ДУИ кон Брисел скршна кон белгиските меѓи

Сметам дека ДУИ не се тие што се повикани да предлагаат нови модели и концепти зашто се колнеа дека сите барања на Албанците ги реализирале. Од каде излезе за една недела дека не било така. Не треба со ДУИ да се разговара за ова, вели за „Слободен печат“ Сулејман Рушити, ексминистер и потпретседател на ДПА во времето кога лидер на оваа партија беше Арбен Џафери.

Несериозен предлог, врвот на ДУИ треба да отстапи место на помладите, партијата треба да се реформира, наместо да се предупредува со закани од типот на „чизмите на Дардишта“, се само дел од коментарите на актуелни и поранешни политичари по изјавата на Али Ахмети дека го ангажирале американскиот професор Пол Вилијамс да подготви платформа за легитимитетот, но и неформалните најави Македонија да се подели на региони по урнек на Белгија или на Северна Ирска откако интегративците не станаа дел од власта.
„Слободен печат“ веќе објави дека ако се озакони „мајскиот договор“, односно принципот „победник со победник“ да прави влада, тоа ќе значи преуредување на државата.

Рушити: Почнуваат со закани само за да бидат на власт

– Без да навлегувам во суштината на предлогот, мислам дека ДУИ наместо да дава нови идеи и концепти, редно е по 22 години откако се колнеше во консензуалната демократија, во Рамковниот договор и тврдеше дека сè е реализирано, па понудија зелени агенди, сега несериозно е откако не се на власт да даваат изјави од инает, односно со кои сакаат само гаранции по секоја цена да бидат на власт. Токму затоа не навлегувам во играта на анализа на модели, концепти и регионализација. Лично сметам дека не може една организација што има доста работи за кои, како што има информации, треба да дава отчет пред нивните гласачи, пред Албанците да зборува за некои теми, кои не се суштински, не се произлезени од анализи на академски кругови. Им порачувам како граѓанин дека треба да се реформираат, да не ги држат во заложништво членовите на партијата, нека се тргнат, на ДУИ ѝ треба нова енергија – вели за „Слободен печат“ Сулејман Рушити, ексминистер и потпретседател на ДПА во времето кога лидер на оваа партија беше Арбен Џафери.

Сулејман Рушити Фото: Фејсбук Рушити

Според него, не може 22 години да нудиш една платформа, еден модел и одеднаш, без да побараат прошка, да кажат дека им е жал дека грешеле и да бараат нов модел.

– Веднаш почнуваат со закани само за да бидат на власт. Ова ме потсетува на изјавата од пред неколку години дека чизмите им се на таван. Што се однесува до легитимитетот на албанските гласови, сметам дека Европскиот фронт како мултиетнички не може да бара етнички легитимитет – вели Рушити.

За новата платформа на легитимитетот која треба да ја подготви Вилијамс, а кој ДУИ го претставува како еден од авторите на Рамковниот договор, додека учесници во преговорите тврдат дека тој ја застапувал албанската страна во преговорите, Рушити смета дека Ахмети веднаш ќе ја заборави платформата ако, хипотетички, Вреди одлучи утре да излезе од Владата.

– ДУИ веднаш ќе ја заборави платформата за легитимитет, како што заборавија сè претходно. Пласираат идеи кои предизвикуваат дебата во општеството, или од желба или од страв, затоа не сакам да ги коментирам. Сметам дека ова е целосно надвор од идејата за подобрување на позицијата на Албанците. Ова е изјава за подобрување на нивната позиција, односно ако може да бидат уште 25 години на власт. За тоа, пак, дека е нарушен легитимитетот и дека Рамковниот е во опасност, сметам дека не може за 20 дена сè да се уништи ако нешто се градело и било реализирано. Впрочем, самите се фалеа дека биле успешни и го реализирале Рамковниот. На ДУИ ѝ треба внатрешна дебата, партијата треба да се реформира. Сметам дека ДУИ не се тие кои се повикани да предлагаат нови модели и концепти зашто се колнеа дека сите барања на Албанците ги реализирале. Од каде излезе за една недела дека не било така. Не треба со ДУИ да се разговара за ова – смета Рушити.

Арбен Таравари / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Таравари: Предлогот за поделба на Македонија е несериозен

И Арбен Таравари, еден од лидерите на Вреди, цени дека предлогот за озаконување на „мајскиот договор“ и поделба на Македонија на региони по примерот на Белгија или на Северна Ирска се несериозни.

– ДУИ се паметни кога се во опозиција и што сè не им текнува. Ми изгледаат за доста несериозни, оти 22 години беа на власт, и со ВМРО и со СДСМ, и сите идеи можеа додека беа на власт да ги спроведат. Сега, кога се во опозиција што ќе им текне, тоа кажуваат. Мислам дека се несериозни и дека ова е само за политички поени. Ние политичарите кога зборуваме нешто треба да имаме поширок консензус. Јас сум кажал дека за сè може да разговараме, но 22 години ништо не си кажал и сега од опозиција, за два месеца нудиш големи идеи кои, искрено, се тешко спроведливи. Им посакувам да бидат поконструктивна и попаметна опозиција, а не да излегуваат со работи што не држат и тешко поминуваат – вели Таравари.

Пол Вилијамс професор

 

Пол Вилијамс го истражува „непочитувањето на Охридскиот договор“

Викендов, професорот Пол Вилијамс за „Клан Македонија“ потврдил дека заедно со неговата адвокатска канцеларија „PILPG“ (Меѓународна група за јавна политика и право) и тимот меѓународни адвокати, работи на прашањето за непочитување на Охридскиот договор и меѓуетничкиот легитимитет на институциите во државата. Тој рекол дека работат на предлог платформа за правична и соодветна застапеност во процесот на формирање на Владата и меѓуетнички легитимитет на Владата.
Како што веќе објавивме, сите парламентарни партии ја отфрлија идејата на Ахмети за платформа за легитимитет, односно да се озакони „мајскиот договор“.

ДУИ чека наредба од Ахмети за протести пред Собрание и пред Влада

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот