
БГНЕС: Европскиот парламент ќе ги отстрани „македонски јазик и идентитет“ од извештајот за Македонија
Трите најголеми политички сили во Европскиот парламент – ЕПП, Социјалисти и социјалдемократи и Обнови ја Европа се согласиле да ги отстранат зборовите „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на Македонија, објави БГНЕС.
Препорачано
Мнозинството во пленарната седница во Стразбур се очекува да ги поддржи амандманите на извештајот следната недела.
Според бугарскиот медиум, нацрт резолуцијата на Европскиот парламент, врз основа на извештајот на Томас Вајц, директно ја нагласува целта на српскиот геополитички проект за доминација на Балканот. Тој не е само економски, туку има за цел да ги промени државните граници во регионот и ги вклучува Република Српска, Црна Гора, Косово и Македонија.
Параграф 80 од извештајот гласи: “загриженоста во врска со проектот “Српски свет” и фактот дека претставниците на Владата на Македонија го поддржуваат и промовираат овој концепт; го осудува учеството на состаноци насочени кон воспоставување на сфера на влијание, поткопување на суверенитетот на другите држави и стабилноста во регионот;”
Комисијата за надворешни работи на ЕП го усвои извештајот за Македонија во кој на четири места директно се споменуваат „македонскиот идентитет и јазик“, тема што предизвика жестоки реакции од официјална Софија во изминатиот период. Во членот 2 од Извештајот, во една точка се наведува:
„(Европскиот парламент…) го повикува Европскиот совет да ѝ даде јавна и недвосмислена поддршка на Македонија дека има намера брзо и безусловно да донесе позитивна одлука за влез во следната фаза од преговорите за пристапување по исполнувањето на условите од неговите Заклучоци од 18 јули 2022 година, целосно почитувајќи го македонскиот јазик и идентитет”.
Во истиот член, со усвоениот амандман во вторникот на 24 јуни, се наведува следното:
„Ја потврдува важноста на недвосмисленото признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет како составен дел од наследството на нацијата, уставниот поредок, но и од европските вредности; забележува дека европските институции, во своите извештаи за земјите и официјални документи, постојано се повикуваат на македонскиот јазик во согласност со меѓународното признавање и спроведувањето на Преспанскиот договор; потврдува дека почитувањето на јазичниот, културниот и националниот идентитет е фундаментална компонента на процесот на пристапување во ЕУ и камен-темелник на демократските општества, што дополнително ќе се потврди со пристапувањето во семејството на европските нации”.
БГНЕС пишува дека нацрт резолуцијата, која може да ја види секој, објавена на веб-страницата на Европскиот парламент, изразува загриженост дека Македонија и другите земји-кандидати за членство во ЕУ од Западен Балкан се особено тешко погодени од странско мешање и кампањи за дезинформација, вклучувајќи хибридни закани, стратешка корупција, нетранспарентни финансиски текови и присилни инвестициски практики, особено со потекло од Русија и Кина.