Мицкоски и Фон дер Лајен / Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Европската Унија ја губи довербата во Мицкоски

Премиерот Мицкоски има некредибилни очекувања и барања. Тој бара одложена имплементација на уставните измени, а бара и Бугарија да ги спроведе пресудите од Судот за човекови права во Стразбур. Негово барање е и Бугарија да донесе декларација за македонското малцинство, велат нашите извори.

Европската Унија ја губи довербата во премиерот Христијан Мицкоски, бидејќи досега ниту видела ниту гледа дека тој е спремен за донесувањена уставните измени, велат за „Слободен печат“ извори од Унијата. Според нив, лесно се стопила првичната доверба што ја имале во македонскиот премиер по ланските избори,а сега веќе се разочарани од неговите барања. Дури и коментираат дали премиерот сака да прифати како функционира Европската Унија.

– Премиерот Мицкоски има некредибилни очекувања и барања. Тој бара одложена имплементација на уставните измени, а бара и Бугарија да ги имплементира пресудите од Судот за човекови права во Стразбур. Негово барање е и Бугарија да донесе декларација за македонското малцинство – велат нашите извори.

Европската Унија не функционира така, додаваат тие, а премиерот, па и Владата треба да сфатат дека членките на Унијата не можат да даваат гаранции какви што бара Мицкоски. Дури и оние кои на почетокот му даваа некаков „политички кредит“ повеќе не се спремни да го кредитираат, бидејќи, како што велат, имало доволно време.

Според нив, премиерот во досегашниот мандат имал неколку можности за промена на наративот, но не ги искористил, без да коментираат зошто – дали поради политичката цена што би ја платил или затоа што сите во земјава одамна се фокусирани на локалните избори наесен. Но,затоа не се воздржуваат од коментари за тоа каде оди македонската надворешна политика, притоа споменувајќи го гласањето во ОН, каде што се гласаше за американска и за европска резолуција и во Советот на Европа, каде што никој во ЕУ не верува дека се случила техничка грешка.

„Треба да си ги поставите прашањата „каде сте“ и „каде одите“ и дали Македонија сака да биде 51 држава на САД или членка на ЕУ“, велат нашите соговорници. Сепак, македонските експерти и политичари не се согласуваат со ваквите остри критики од Брисел и сметаат дека стратешкото партнерство со САД не ја исклучува стратешката цел – членство во ЕУ.

Милошоски: Во ОН Македонија постапи прагматично

Поранешниот министер за надворешни работи и актуелен потпретседател на Собранието, Антонио Милошоски, објаснува дека руската агресија врз Украина подолго од три години е едно од главните прашања во ОН и на оваа тема многу често се водат расправи, а многу ретко се усвојуваат заеднички ставови. Затоа, според него, по однос на последната резолуција на САД за Украина, Македонија постапила прагматично.

– Во моментот кога ЕУ не успеа да го задржи нејзиниот консензус по однос на украинската резолуција, тогаш земјите што се кандидати за членство имаат поширок маневарски простор за дипломатско позиционирање. По таа резолуција се појави втора резолуција, онаа на САД, и во отсуство на консензусот во ЕУ, сметам дека Македонија се позиционираше добро и проактивно, како коспонзор на американската резолуција. На крајот, токму таа резолуција го помина филтерот на Советот за безбедност, благодарение на тоа што и Франција и Британија се координираа со официјален Вашингтон и преку воздржано гласање овозможија оваа резолуција да помине и како таква да биде едно заедничко понудено решение во рамките на ОН – изјави Милошоски за „Слободен печат“.

Универзитетскиот професор Васко Наумовски оценува дека во актуелните изменети трансатлантски односи Македонија вложува напори за балансирана надворешна политика, при што се задржува целта за членство во ЕУ, и истовремено се продлабочуваат билатералните односи со САД.

– Доколку од ЕУ постојат забелешки за одредени потези на нашата дипломатија штоне се целосно усогласени со европските, тие би требало да се анализираат во контекст на нашето приближување кон полноправното членство. Ако Македонија ги имаше започнато преговорите, ЕУ би имала поголем кредибилитет да влијае врз нашата надворешна политика, бидејќи во такви околности ние би се подготвувале за влез во Унијата и би требало целосно да се усогласиме со нејзините политики. Блокираниот почеток на преговорите не го оправдува евентуалниот притисок од ЕУ во поглед на нашите билатерални односи со САД и поддршката на надворешнополитичките иницијативи на Вашингтон, кои се разликуваат од оние на Брисел – вели Наумовски.

Освен тоа, потсетува тој, има разногласие и меѓу членкитена ЕУ, па напорите за единствени позиции на ЕУ би требало да се насочат прво кон сопствените членки штоимаат различни ставови од мнозинството.

Наумовски: Приказната за проширувањето на ЕУ на Балканот изобилува со тажни епизоди

И додека од ЕУ коментираат за (не)довербата кон македонскиот премиер, тој излезе со оценка дека Македонија веќе направила многу жртви иреформи, но дека добила нови услови кои се применуваат селективно.

– Мојата нација направи значителни жртви и реформи, цврсто посветена на нашиот европски пат. Сепак, постојано бевме сведоци на менување на целите и дополнителни услови, кои се применуваат селективно, прикривајќи ја транспарентноста и правичноста што ги ветува Европа. Овој пристап не ја зајакнува Европа, го слабее нашиот колективен кредибилитет и ги намалува нашите заеднички цели -изјави Мицкоски неодамна на Конгресот на Европската народна партија (ЕПП) во Валенсија.

Оваа изјава е еден вид одговор на коментарот на еврокомесарката за проширување Марта Кос, која за Радио Слободна Европа изјави дека „ако Украина чека толку колку што Македонија чека на почеток на преговори со ЕУ, тогаш Украина би ги почнала преговорите во 2045 година. Таа е тажна приказна на Балканот, заедно со Косово и со Босна и Херцеговина“.

Според Милошоски, комесарката Кос многу добро го знае и регионот, а согласно тоа вредни се за нотирање и нејзините согледувања за Македонија.

-Во 90-тите, како новинарка, Марта Кос беше сведок дека оценката на ЕУ за тоа кои земји од регионот ги исполнуваат демократските критериуми за признавање беше позитивна само за две млади држави, нејзината Словенија и нашата Македонија. Тоа што ЕУ, сепак, подлегна на притисокот од Грција да не ја признае независноста на Македонија, е прашање на европскиот кредибилитет и на злоупотребата на билатералните спорови во политиката на проширувањето на ЕУ. Таквата „тажна“ непринципиелност создаде услови за 25-годишна блокада од Атина поради познатиот ирационален спор за името. И штом еднаш ќе одобрите „тажни“ билатерални злоупотреби во рамките на ЕУ, многу е веројатно дека тиеможат да ви се повторат. Така, од 2020 година наваму, „штафетата“ на злоупотребата на билатералните спорови ја презема Бугарија. Ваквото непринципиелно блокирање на македонските евроинтеграции ѝ е многу добро познато на комесарката Кос, и веројатно тоа е мотивот за нејзиниот опис на македонското досие во чекалницата на ЕУ – смета Милошоски.

За професорот Наумовски, приказната за проширувањето на ЕУ на Балканот изобилува со тажни епизоди, почнувајќи од Солунската агенда во 2003 година, употребата на ветото од членките на ЕУ што го користат како оружје во билатералните спорови со државитекандидати, недостигот на исполнети ветувања поврзани со интеграцијата на регионот во ЕУ, како и неподготвеноста за прием на нови членки во догледно време.

– Неуспехот на проширувањето е неуспех на самата ЕУ, бидејќи не успеа да најде инструмент да ги оневозможи членките што го блокираат процесот со унилатерално вето, со што националните интереси се ставаат пред заедничките – вели Наумовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот