
Европратениците за дневница од 338 евра можеби ќе се регистрираат со отпечаток од прст
Европскиот парламент ја разгледува можноста за замена на системот за рачен потпис на европратениците со систем за биометриски отпечатоци од прсткако доказ за присуство на парламентарните седници, објави Еурактив.
Препорачано
Според сегашниот систем, европратениците рачно се потпишуваат во регистерот пред седници на комисиите, пред пленарна седница или седници на политичките групи во Европскиот парламент за да добијат дневница од 338 евра. Оваа дневница која што не подлежи на данок им се исплаќа на европратениците како дополнување на нивната годишна плата од 120.000 евра за трошоци за сместување и други трошоци поврзани со тоа.
Документот кој што бил објавен по состанокот на Бирото на европарламентот пред неколку дена предвидува замена на овој систем, откако уште во јуни 2019 година високи членови на Бирото го овластиле генералниот секретар да започне процедура за купување и ставање во функција на систем за скенирање отпечатоци. Инаку, Бирото е составено од претседателката на парламентот Роберта Мецола, 14 потпретседатели и уште петмина и е одговорно за административната работа на Парламентот.
Европскиот надзорен орган за заштита на податоците којшто следи дали европските институции го почитуваат правото на приватност и заштита на податоците кога се обработуваат лични податоци даде серија препораки за да се гарантира дека новиот систем за биометриски податоци е во согласност со законите за заштита, подготвени и одобрени од европратениците. Според документот на кој се повикува Еурактив, Парламентот смета дека е можно да се исполнат сите препораки, со исклучок на таа за системот за складирање податоци.
Надзорниот орган препорачува Европскиот парламент да користи систем што овозможува промена и бришење на биометриските податоци за да се намали ризикот од неовластен пристап до нив. Регулаторот, исто така, наведува дека биометриските податоци нема да се складираат во локалната база на податоци од читачи на отпечатоци.
Сепак, за документот на Парламентот во моментов нема согласност меѓу парламентарното раководство и политичките групи за воведување биометриска технологија. Генерално, членовите на Бирото од Европската народна партија (ЕПП) и групите на европските конзервативци и реформисти ја поддржуваат идејата за биометриска технологија којашто првично би била доброволна, додека социјалистите, зелените, либералната група „Обнови ја Европа“ и левичарските групи поддржуваат други алтернативни методи.
Според предлогот, европратениците ќе го скенираат својот отпечаток на читачот, којшто ќе го регистрира нивното присуство во системот со печат.