Нови натписи за вакцинација на аптеките низ Америка - Фотографија Profimedia

Европа и Америка се „благо“ вознемирени поради новиот бран на ковид

Бројот на нови случаи на ковид-19 во Молдавија се зголемил за 156 отсто, во Хрватска за 104 отсто, а во Бугарија минатата недела имало 372 нови случаи наспроти 330 претходната недела

Новото, засега благо, зголемување на бројот на случаи на ковид-19 во Америка и во делови од Европа, предизвикува вознемиреност спроти почетокот на сезоната на настинки и грип.

Белгиските здравствени власти предупредуваат на опасноста системот да биде оптоварен од потенцијална „тројна епидемија“ на ковид-19, сезонски грип и настинки.

– Ризикот од тројна епидемија што ќе изврши силен притисок врз нашиот здравствен систем е реалност што мора да се земе предвид – истакнува Стевен ван Гухт, раководител на Одделението за вирусни болести во Институтот за јавно здравје.

Некои експерти препорачуваат превентивно активирање на мерките на претпазливост што беа вообичаени за време на пандемијата – пред сѐ носење заштитни маски во затворени простории.

Бројот на нови случаи на ковид-19 во Белгија се зголемил за 44 отсто во однос на минатата недела, од 1.224 на 1.759 новозаразени лица. Низ Европа, уште поголем пораст е потврден во Молдавија – од 54 на 138 случаи, односно за 156 отсто, во Хрватска од 75 на 153 случаи (104 отсто), во Естонија од 23 на 38 случаи (65 отсто) и во Полска, каде што во изминатата недела имало 369 новозаразени, а во претходната имало 254. Зголемување на бројот на случаите низ Европа за над 10 отсто е забележано и во Малта, Литванија, Летонија, Чешка, Словенија и во Бугарија, каде што имало 372 нови случаи наспроти 330 претходната недела, односно 13 отсто повеќе. Во Италија, од друга страна, бројот на новозаразени лица се намалил на 6.447 од 13.409 во претходната недела.

Стивнува и бранот од ковид-19 во САД, но таму сѐ уште загрижува високиот број нови случаи – вкупно 60.418 во изминатата недела. Меѓу новозаразените е и првата дама Џил Бајден, која е префрлена во изолација во семејната куќа во Делавер, но нема изразени симптоми. Претседателот Џо Бајден е негативен на коронавирусот и ќе продолжи непречено да ги извршува своите должности, кои вклучуваат патување во Индија на самитот на групата 20 најразвиени земји во светот. Џо Бајден беше заразен со коронавирусот во јули минатата година, а Џил Бајден во август.

Лабораториските испитувања во Америка покажуваат дека сега најбрзо се шири новата мутација БА.2.86 наречена „пирола“, која не е толку заразна како претходните и не предизвикува тешки симптоми. Активна е и варијантата ЕГ.5 наречена „ерис“.

– Кога вирусот премина од омикрон кон ерис, направи една или две мутации. Пирола не е опасна, но загрижува тоа што има повеќе од 30 мутации, колку што имаше кога делта премина во омикрон – предупредува Скот Робертс, специјалист за заразни болести при универзитетот Јејл.

Единствената битна мутација од омикрон ѝ помогна на ерис да ги избегне антителата развиени во организмите од вакцините и прележувањето на поранешните варијанти. Светската здравствена организација оцени дека глобалниот ризик од ерис е низок, но ја издвои како „варијанта од интерес“ поради можноста да мутира во поопасна варијанта.
Пирола е уште понова мутација на омикрон. Првпат била изолирана во Данска на 24 јули, а во август се префрлила и во САД и во Канада. Пирола не предизвикува изразени симптоми и била регистрирана при рутински проверки на аеродроми, без носителите воопшто да знаат дека се заразени. Американските Центри за контрола и превенција на болести истакнаа дека сегашните тестови ја препознаваат новата варијанта, но и дека пирола е способна да зарази и луѓе што веќе прележале ковид-19.

– Опасно е што се шири, но се чини дека не се разликува многу од варијантите што циркулираа низ Америка во изминатите три-четири месеци. Засега не сум загрижен – изјави за „Њујорк тајмс“ Ендрју Пекос, професор по молекуларна микробиологија и имунологија на Универзитетот Џонс Хопкинс.

Центрите за контрола и превенција им препорачуваат на граѓаните, особено од највозрасната група, да не ги менуваат плановите за ревакцинација, барем додека не завршат испитувањата дали надградените вакцини се ефикасни и против новите мутации.

Агенцијата за здравствена заштита на Обединетото Кралство објави дека се преземаат вонредни мерки поради временското поклопување на новите варијанти со очекуваното ширење на сезонскиот грип. Се планира пред почетокот на зимата да се засили надгледувањето на ширењето на ковид-19, но не и да се зголеми квотата за рутинско тестирање.

– Заштитата на граѓаните од нова епидемија на ковид-19 е еден од нашите приоритети. Преку нашите системи за следење и анализите, продолжуваме да ја надгледуваме заканата. Нема потреба од засилување на тестирањата ниту од воведување мерки како носење маски – изјави за „Скај њуз“ професорот Стивен Рајли, главен директор за податоци, аналитика и надгледување во британската Агенција за здравствена безбедност.

Новите податоци говорат дека е зголемен бројот на заразени лица за кои е неопходно згрижување во болница. До крајот на август на секои 100.000 луѓе имало по 3,4 згрижувања во болница, но овој просек е десет пати повисок во категоријата жители со над 85 години.

Властите ќе продолжат да ги известуваат граѓаните за достапноста на новите дози на вакцини и им препорачуваат на оние од најчувствителните групи да се ревакцинираат. Новите вакцини ќе бидат испорачани до домовите за згрижување и до имунокомпромитираните лица на 11 септември, а потоа ќе бидат достапни и за бремените жени, за негувателите на изнемоштени лица, за болничарите и за луѓето на возраст над 65 години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот