Иво Босилков / Фото: Архива

Етничка политика или зелен и хуман град?

СДСМ ќе ги изгуби овие избори во Скопје поради неспособноста да го разбере сопствениот народ. Кога граѓаните бараат решавање на најнепосредните секојдневни урбани проблеми, од СДСМ велат „ние сме сојузници со ЕУ и со НАТО“. Кога бараат најосновна логика во антиковид мерките, добиваат ограничувања на слободата на движење и патетични кампањи за среќни моменти. Кога бараат сапуни и тоалети во училиштата, им се даваат „дигитализирани“ учебници во пдф формат.

Најбитно, кога граѓаните бараат луѓе со стручност и посветеност да се на раководни позиции, тие велат еве ви етничка пропорционалност. Не научија ништо од случајот Стојко Пауновски и од праведноста на неговиот пркос. Не научија дека етничката застапеност е целосно бесмислена, кога е базирана на партиски заслуги и коалициско пазарење.

Никогаш нема да научат, затоа што се задрти и арогантни. Ама затоа ние учиме од нив – Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи и сите други подеднакво утепани од нивните партиски комбинации и интриги, нам на кои ни е преку глава од нивната бајата идеолошка матрица. Затоа и разбираме дека драмолетките на владејачката клика околу етничкото потекло на кандидатите на независната советничка листа на коалицијата „Зелен хуман град“ (ЗХГ) за Скопје се само механички рефлекс на еден затуцан, мувлосан режим. Како и во Европа, и тука инертниот естаблишмент е затекнат од нов бран млади и прогресивни активисти, кои прецизно ги лоцираат системските аномалии и целат кон нови стандарди во политиката.

Овие нови дечки ги отфрлаат конвенциите на партискиот систем, преку инсистирање дека хоризонталната структура е единствениот начин за егалитарна политичка интеракција. Според нив, овој принцип на одлучување мора да биде пресликан на сите политички субјекти и институции, за да се избегне замката на партизмот која неминовно води кон концентрација на моќ и пари.

Дваесет граѓански организации од Скопје застанаа зад овој иновативен концепт, давајќи свои членови – докажани борци и експерти во нивните сфери – за да се формира листата. Таа листа беше потоа комплетирана преку јавен повик за кандидирање на платформата „МојГрад“, на кој одговорија свесни млади скопјани, неврзани во здруженија, но со знаење и со желба за прогресивна промена. Со ова беше јасно применет идеолошкиот императив на новите европски зелени: грасрутс партиципација на доброволна основа, со цел јакнење на кохезијата на прогресивното јадро и изнедрување на општествената авангарда во време на социоеколошка криза, со помош на новите технологии.

Големите интелектуалци на социјалдемократијата не ги интересираат овие утописк визии. Нив единствено ги интересира идентитетска политика, затоа што во нивните индоктринирани глави тоа е единствениот спас од национализмот. Иронично е што со опсесијата за етничка „инклузивност“ самите го потхрануваат моделот раздели па владеј. Во целата хајка против „еко ќосиња“ и „зелени димчиња“, на никој од нив не му паѓа на памет да се запраша дали организациите кои го сочинуваат ЗХГ се исто така националистички? И дали тоа значи дека има и „албански“ граѓански-еколошки здруженија, кои се исклучени поради нивното албанство?

По увидувањето на апсурдноста на овие прашања, неизбежно е болното соочување со слонот во собата. Тоа е кооптацијата на албанскиот електорат во клиентелистичко-клановски шеми од страна на партискиот картел, под претекст на антинационализам и заштита на малцинските права. Ова е поразителен факт затоа што од една страна го отежнува формирањето граѓански-еколошки здруженија во албанските средини и нивното вмрежување во граѓанското општество; а од друга, го депримира интересот кај обичните граѓани за индивидуална партиципација во прогресивните социјални движења.

Владините загари ова не ги загрижува, ама за етничкиот состав на ЗХГ лаат во глутница. Но сега можат да спијат мирно. На листата сепак има Албанец! Верувале или не, никој во ЗХГ ова не го знаел, оти дечкото пријавен преку системот „МојКандидат“ никогаш не бил прашан за тоа, затоа што во процесот на регрутација членовите се интересирале за неговите визии, компетенции и активистичко искуство, наместо за националноста. И тој воопшто не нашол за потребно да спомне.

Ова најдобро го изразува етосот на ЗХГ. Тој подразбира свесно отфрлување на токсичната симболичка политика со цел пренесување на тежиштето на реалните проблеми. Оваа дружина предводена од Драгана Велковска и Горјан Јовановски намерно одбива да се фокусира на идентитетските разлики добиени при раѓање, а наместо тоа го става акцентот на сличностите во размислувањето, произлезени од животот и секојдневното соочување со заедничките проблеми во овој град. Ние, народот на зелениот и хуман град, одбиваме да ја прифатиме етничката политика како референца, исто како што одбиваме да ја прифатиме хегемонијата на партизмот и, на долг рок, претставничката демократија. Ние активно ги делегитимираме овие архаични инструменти на поделба и контрола.

Најпосле, тоа е тоа што треба да го прави една антисистемска опција – да го артикулира незадоволството на граѓаните од неспособноста на елитата, да им овозможи да се спознаат себеси како хомоген народ со исти проблеми и потреби, а не како разединети племиња со нивни водачи. Првиот судир со овој систем е веќе во октомври.

 

(Авторот е професор по политички науки и член на „Зелен хуман град“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот