Ескалира „војната“, на Лога со Судскиот совет кој ги искара судиите дека му се спротиставиле на министер!

Министер за правда, Фото: Фејсбук Кренар Лога

Ескалира „војната“ помеѓу Судскиот совет и министерот за правда Кренар Лога, а најновата „битка“ се води заради барањето на Лога до Судскиот совет да го изземе членот Лорета Горгиева од Комисија на известители за утврдување на одговорност на судија. Откако Судскиот совет вчера му одговори на Лога дека се меша во надлежностите на Судскиот совет и дека лаже за работата на ова тело, тој попладнето преку фејсбук им одговори дека се лицемерни и имале храброст да му се спротистават на министер!

Министерот Лога пред пет дека со писмен допис побара од Судскиот совет поради конфликт на интереси да ја изземе Лорета Ѓоргиева од Комисијата на известители по поднесени барања за утврдување одговорност на судијата Лазар Нанев, а конфликтот го гледа во тоа што Горгиева јавно застанала во одбрана на Нанев. Тој наведе и дека и покрај претходните укажувањата, не му се доставуваат навреме материјалите за седниците.

„Недозволиво е министер за правда да се информира за точките од дневниот ред од медиумите преку кои бевме информирани за изборот на Лорета Горгиева за член на Комисијата. Поради конфликтот на интереси и фактот што Горгиева јавно застана во одбрана на судијата Лазар Нанев кој неодамна беше ослободен од функцијата претседател и член на Советот на ИКТ, министерот за правда бара Судскиот совет да ја изземе Горгиева од Комисијата на известители по поднесени барања за утврдување одговорност на судија/претседател. Доколку Горгиева не се изземе од Комисијата, Судскиот совет прави лош преседан со кој ќе се намали и онака ниската доверба на граѓаните во правосудниот систем“, наведе Лога во официјалниот допис до Судски совет.

На ова Советот одговори дека е должен да даде појаснувања до јавноста. Во соопштението оттаму потенцираат дека министерот Лога е должен да го почитува Законот за судски совет, да се однесува професионално и како што му доликува на функцијата, а во согласност со одредбите од Кодексот за етичко однесување за членовите на Влада и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата. Тие го обвинија дека јавно изнесува податоци од доверлив карактер!

„И покрај неколкуте пречекорувања на надлежностите на министерот и неговите тврдења дека е во отворена војна со Судскиот совет, членовите цело ова време покажуваат добра волја за соработка и редовно го покануваат и повикуваат да присуствува на седници, за да може отворено да се разговара за сите прашања и проблеми поврзани со функционирањето на судството. Министерот Лога досега свесно ги игнорираше ваквите барања, а со последното барање изнесе многу невистини, но и свесно ја нарушува работата на Советот. Длабоко веруваме и искрено се надеваме дека на министерот му се добро познати одредбите од Законот за Судски совет, особено членовите 33 и 61. Во членот 33 е јасно пропишана постапката во кои случаи е предвидено изземање на член на Судскиот совет, додека во членот 61, како и во неколку други последователни членови е разработената постапката за утврдување на одговорност на судија или претседател на Суд. Министерот, како и јавноста, би требало да знаат дека постапката за утврдување на одговорност е итна, од доверлив карактер, тајна и без присуство на јавноста, со цел да се заштити угледот и достоинството на судијата или претседателот на судот. Оттаму, изненадува како е можно министерот јавно да изнесува информации за тоа против кого е поднесено барање, а уште помалку кој членува во Комисијата на известители, па дури и да бара изземање, кога заради тајноста на постапката не му се доставуваат материјали на министерот, поради законската неможност истиот да учествува во постапувањето“, одговорија од Судскиот совет.

Судски совет / Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Оттаму додаваат дека не е прв пат министерот јавно да изнесува податоци, но и да објавува неправосилни судски одлуки.

„Судовите имаат обврска да ги објавуваат своите одлуки, но анимизирано и со согласност со одредбите од Законот за движење на предметите во судовите“, се додава во соопштението од највисокото правосудсно тело .

Министерот Лога на ова одговори дека Советот неодговорно се бранел и посочи и дека дошло време некои членови да си заминат дома.

„Судскиот совет наместо да делува законски и да презема дејствија против незаконските постапувања на одредени судии и претседатели на судови, цело време неодговорно се бранат со јавна покана за учество на министерот на седници каде не може да присуствува заради препораките на ГРЕКО и законот. Сите овие месеци откако ја презедов одговорноста да бидам носител на функцијата министер за правда, од нив имам побарано само да го почитуваат законот и ништо друго. Во јавноста се силат дека се конструктивни, а во позадина чуваат предмети за да застарат. Не може одговорен орган да има двојни аршини, за некој морков, а за друг стап за доделување моќ. Одредени членови на Судски совет се свесни дека е време да си заминат дома, а исто така е дојдено време и да одговораат за сите преземени дејствија во минатото што ќе биде санкционирано со новите измени на законот“, напиша Лога на својата фејсбук-страница, но не го објави ставот на страницата на Министерството за правда како официјално соопштение.

Тој се закани и дека ќе имало одговорност.

„Одговорност мора да има и ќе има. Законот над сè и пред сè. Имаат храброст да му се спротистават на министерот, а немаат грам храброст кога истите ставови се кажуваат и од меѓународните претставници. Почитувани, одредени членови на Судски совет: Лицемерие не е вредност!“, напиша Лога.

Откако е дојден на функцијата министер за правда Лога редовно го критикува Судскиот совет. По големиот скандал во ова тело со незаконската смена на претседателката Весна Дамева тој побара колективна оставка од целиот Совет, а откако тоа не се случи, најави дека со законски измени ќе им го скрати мандатот, но тоа остана само на неговата најава.

Иако е член на Советот според функцијата, никогаш не доаѓа на седниците и не испраќа оправдувања за отуството. Често се меша во работата на Советот, како на пример при изборот на претседателот на Основниот суд во Куманово, како и во последниот случај со барањето Лорета Горгиева да биде изземена од Комисијата за утврдување на одговорност за судија.

Георгиева, заедно со членот на Советот Миљазим Мустафа поднесоа оставки од Советот на ИКТ откако Лога го разреши судијата Лазар Нанев од функцијата претседател на Советот на ИКТ, без да ја почитува презумпцијата на невиност и пред да се утврди дали претсавката е основана. Горгиева, исто така, гласаше за Нанев да биде избран за судија во Апелација Скопје затоа што беше прв на листата од кривичниот отсек според освоените бодови, но не беше избран затоа што не ја доби поддршката од другите членови на Советот, кои се изјаснуија дека не му даваат поддршка затоа што „го следеле многу контроверзии“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот