
Есен е, а вашето куче сѐ почесто ги лиже шепите: Воопшто не станува збор за досада, туку за проблем
Во пресрет на есента, експертите ги предупредуваат сопствениците сериозно да го сфатат лижењето на шепите од страна на нивните миленици. Она што за многумина изгледа како чудна навика, може да биде знак за здравствени проблеми, а најчесто се работи за иритација на кожата и болки во зглобовите, пишува „Љубимци“.
Препорачано
Многу сопственици мислат дека нивните миленици кои често ги лижат шепите го прават тоа бидејќи им е досадно, но тоа може да биде ран предупредувачки знак за некоја здравствена состојба, непријатност или воспаление. Исто како што некои луѓе чувствуваат мачнини и вкочанетост на зглобовите во постудените месеци, и кучињата реагираат на сезонските промени, а статистиките покажуваат дека лижењето на шепите се засилува во есен и зима.
Кучињата често стануваат побавни за време на прошетките и поминуваат повеќе време лижејќи ги шепите, што се знаци на непријатност, а не на немир или досада. Постојаната влажност од дождот, баричките и калта може да ги омекне перничињата на нивните шепи, правејќи ги подложни на иритација или пукање и создавање мали пукнатини.
Исто така, и преминот од студеното, влажно време надвор во топол и сув затворен простор, може да ја исуши кожата, поради што кучето ќе почувствува чешање на шепите, исто како и луѓето на кои им пукаат усните или често им се сушат рацете зиме.
Од сите наведени причини, кучињата ги лижат шепите за да ја ублажат болката и иритацијата.
Против сите овие сезонски непријатности, според советите на експертите за кучиња, најдобро е да се користат плазма суплементи кои природно го намалуваат воспалението, а истовремено го поддржуваат здравјето на кожата, цревата и зглобовите. Според сведоштвата на експертите, овие третмани даваат одлични резултати кај кучињата кои имаат проблем со чешање на шепите и кожата во есен.
Освен суплементите, против овие проблеми кај кучињата можете да примените и наједноставен третман: по прошетката измијте му ги шепите на кучето за да ги отстраните алергените или иритансите и внимателно исушете ги. Следете го прекумерното лижење кај кучето и консултирајте се со ветеринар ако се појават нови или посилни симптоми.
Лижењето на шепите не е само чудно однесување: тоа е начин на кој вашето куче ви кажува нешто важно за своето здравје.