
Ердоган во ОН: Израел убива по едно дете на секој час во Газа веќе 23 месеци
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес, на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации, изјави дека Израел убива по едно палестинско дете на секој час во Појасот Газа веќе 23 месеци.
Ердоган рече дека овие податоци не се само „броеви“, туку „уништени се невини животи“.
Препорачано
Тој посочи дека бројот на загинати цивили во Газа сега надминува 65.000, додека повеќе од 20.000 од нив се деца, објави „А њуз“.
Во својот говор, Ердоган ја критикуваше и меѓународната заедница, истакнувајќи дека додека ОН ја слави својата 80-годишнина, „геноцидот во Газа сè уште трае“.
„Дури и додека трае овој состанок, цивилите се масакрираат во Газа“, нагласи тој и повика на итен прекин на насилството.
Тој ги поздрави сите земји што ја признаа Палестина и ги повика оние што сè уште не преземале мерки „без понатамошно одложување“.
Тој, исто така, ја истакна потребата од поголемо вклучување на ОН во решавањето на палестинското прашање, потсетувајќи на основните цели на таа организација, која се залага за зачувување на меѓународниот мир и безбедност.
„Денес сме тука за да бидеме гласот на палестинскиот народ, чии гласови се замолчуваат. Им се заблагодарувам на земјите што ја признаа Палестина и ги повикувам другите да дејствуваат што е можно поскоро“, рече Ердоган.
Претседателот на Турција детално зборуваше за тешката хуманитарна ситуација во Газа, каде што милиони луѓе се принудени да мигрираат, а здравствената инфраструктура е целосно уништена.
„Во Газа, рацете и нозете на децата се ампутираат без анестезија“, рече Ердоган.
Тој го издвои гладот во Газа, нагласувајќи дека 428 луѓе, меѓу кои 146 деца, починале од глад, а бројот на жртви се зголемува секој ден.
„Може ли да има мир во свет каде што децата умираат од глад и недостаток на лекови? Сите сме родители, сите ги сакаме нашите деца, но она што се случува во Газа е најниската точка за човештвото“, заклучи Ердоган, повикувајќи ја меѓународната заедница на итен одговор.