
Ердоган и Путин разговараа на маргините на самитот на Шангајската организација за соработка
Рускиот претседател Владимир Путин денес се сретна со турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган на маргините на самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС) во градот Тјанџин во северна Кина.
Препорачано
Во руската делегација се министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, заменик-шефот на претседателската администрација Максим Орешкин, портпаролот на претседателот Дмитриј Песков, помошникот на претседателот Јуриј Ушаков, министерот за транспорт Андреј Никитин, министерот за енергетика Сергеј Цивилев, директорот на Федералната служба за воено-техничка соработка Дмитриј Шугаев, генералниот директор на Рускиот фонд за директни инвестиции Кирил Дмитриев и директорот на Росатом Алексеј Лихачев, пренесува Тас.
За време на средбата, Путин изрази верување дека Турција ќе продолжи да игра посебна улога во решавањето на конфликтот во Украина.
„Им сме благодарни на нашите турски пријатели за нивниот значаен придонес во политичките и дипломатските напори за решавање на украинската криза. Од мај оваа година, веќе се одржаа три рунди директни руско-украински преговори на платформата во Истанбул, што ни овозможи да постигнеме напредок во решавањето на голем број практични прашања во хуманитарната сфера“, рече Путин.
Претседателите Путин и Ердоган разговараа и за неколку регионални прашања, особено за Блискиот Исток, Северна Африка и Кавказ.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изрази очекување дека претседателот Путин ќе ја посети Турција и повтори дека неговата покана останува валидна.
„Господине претседателе, со нетрпение очекувам да ве видам на вашата посета на Турција. Нашата понуда останува валидна“, рече турскиот претседател.