
Енвер Беџети од црната листа не е веќе судија – за него судијата е недоличен ако е под дејство на алкохол и дрога
Во никој случај чинот на едностран политичко-дипломатски акт не може да се подведе под недолично однесување. Соопштението од Стејт департментот на САД е акт донесен од политичко тело на странска држава и не е акт донесен од судски орган. Самата постапка што е водена од политичкиот орган Стејт департментот на САД,е еднострана постапка, без засегнатото лице да е запознаено дека против него се води каква било постапка, е ставот на разрешениот Беџети
Судијата Енвер Беџети, кој заедно со поранешниот вицепремиер Артан Груби лани се најде на црната листа на САД за земање мито за судскиот процес за масовното прислушување за поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, е конечно разрешен и не е веќе судија во Апелацискиот суд, потврдуваат од Апелација за „Слободен печат“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Судскиот совет го објави решението за негово разрешување, во кое е опишана целата постапка што се води уште од мај. Беџети е разрешен за потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за извршување на судиската функција.
– Е.Б., судија на АС С., се разрешува од вршење на судиската функција поради сторена потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршење на судиската функција, во согласност со член 74 став 1 алинеја 1 од Законот за судовите, поради потешка повреда на јавниот ред и мир и други посериозни форми на недолично однесување, со кое се нарушува угледот на судот и неговиот углед од член 75 став 1 точка 1 од истиот закон в.в. со член 3 алинеја 1,3 и 4 од Законот за судовите – се вели во решението.
Беџети: Недолично однесување подразбира судија во алкохолизирана состојба
Од она што се гледа од решението, Беџети докрај ги негира наводите, доказите на Стејт департментот ги нарекува таканаречени и тврди дека од доказите на Комисијата на известители во никој случај судијата не сторил потешка повреда на јавниот ред и мир или некоја друга форма на недолично однесување со кое го нарушува угледот на судот и неговиот углед. Всушност, според Беџети, не бил кривично и прекршочно казнуван за дејствијата против јавниот ред и мир, а за него недолично однесување подразбира судија во алкохолизирана состојба, судија под дејство психотропни супстанции, неконтролирани испади на судијата и навредување судии или учесници во постапката.
– Конкретниот судија нема такво однесување. Во оваа смисла, во никој случај чинот на едностран политичко-дипломатски акт не може да се подведе под недолично однесување. Соопштението од Стејт департментот на САД е акт донесен од политичко тело на странска држава и не е акт донесен од судски орган. Самата постапка што е водена од политичкиот орган Стејт департментот на САД е еднострана постапка без засегнатото лице да е запознаено дека против него се води каква било постапка. Сакаме да кажеме дека самото соопштение на амбасадата на САД во нашата држава, каде што се наведуваат повеќе предмети, ни укажува дека станува збор за политички акт, а не за правно издржан акт поткрепен со докази. Имено, не е изведен ниту еден доказ дека против конкретниот судија се води каква било предистражна, истражна или кривична постапка. Примање мито на судија уште повеќе се докажува со конкретни докази и претставува сериозно кривично дело. Во овој случај, освен голо соопштение од политички орган, нема никакви правно релевантни докази со кои се докажува тврдењето од соопштението на Стејт депарментот на САД – напишал Беџети во завршните зборови.
Како докази, тој приложил потврда за неосудуваност и документ дека против него не се водела ниту кривична ниту прекршочна постапка.
Обвинителството сè уште ја води постапката
Сепак, Судскиот совет на седницата од 26 мај 2025 година констатирал дека Беџети е недостоен за извршување на функцијата повикувајќи се на одлуката на Стејт департментот, но и на изјавите на американската амбасадорка Анџела Агелер.
„Тие што го поткопуваат владеењето на правото за лична корист и на сметка на народот треба да разберат дека корупцијата носи последици“, се повикува Судскиот совет на изјавата амбасадорката Агелер, која во образложението ја потпишува со А. Во продолжение се цитираат нејзините изјави „дека САД има цврсти докази за вмешаност во корупција“, дека кога „некој е корумпиран, 100 отсто се сигурни во тоа“ и дека „не се ставаат луѓе на црна листа врз основа на сомнежи или на чувства, туку со многу докази и во повеќе случаи“.
Судскиот совет констатира дека Беџети со самото ставање на црната листа поради негова вмешаност во значителна корупција преку примање мито „свесно и намерно не ги елиминирал ризиците и не ги отстранил сомневањата во можноста од настанување и развој на корупција, поради што со ваквото однесување ја нарушил довербата на јавноста во судството и судската власт како и во правната држава и владеење на правото, што го прави недостоен за вршење на судиската функција“.
Откако беа ставени на црната листа, за ова предистражна постапка отвори и Обвинителството, но оттаму сè уште нема известување до каде е постапката.
Името на Беџети беше во фокусот, кога на поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева, ѝ беше направен пуч и беше незаконски разрешена од претседателската функција.
Судскиот совет констатираше и дека Беџети без образложение го држел предметот за незаконското прислушување како судија известител девет месеци.
– Со тоа се создадени услови овој предмет од многу висок јавен интерес да застари и да се затвори. Овој предмет ќе застари затоа што пресудата е укината, а судењето е вратено на почеток во Основниот кривичен суд – стоеше во извештајот од извршената контрола.
Главниот обвинет за масовното прислушување Сашо Мијалков целосно се спаси од затворска казна за овој предмет и со измените на Кривичниот законик и продолжи со бизнисите откако неколку години помина во отвореното затворско одделение во Струга.