
Емисијата на сулфур диоксид од РЕК Битола била повеќе од 10 пати над дозволеното!
Мерењата во Северна Македонија во текот на 2023 година беа особено сомнителни, пишува во извештајот „Усогласи или затвори“ од аналитичката мрежа Банквоч со седиште во Прага
РЕК Битола останува еден од најголемите загадувачи во Европа. Загадувањето со сулфур диоксид од користењето јаглен кај нас е 6,4 пати поголемо од дозволеното, емисиите со прашина, пак, се двојно поголеми од дозволеното. Но, анализирано поединечно, загадувањето со сулфур диоксид од блоковите Битола 1 и Битола 2 се повеќе од 10 пати над дозволеното! Властите не прават ништо да се намали загадувањето, но не се одлучуваат ниту веднаш да ги затворат постројките што работат на јаглен, покажа извештајот „Усогласи или затвори“ од аналитичката мрежа Банквоч со седиште во Прага.
Препорачано
Извештајот не е поволен за загадувањето од јаглен во цел Западен Балкан.
„Шест години откако правилата за контрола на загадувањето стапија на сила според Договорот за енергетска заедница, емисиите на сулфур диоксид од постројките за јаглен вклучени во Националните планови за намалување на емисиите (НЕРПс) на Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија и Србија сè уште беа колективно 5,7 пати повеќе од дозволеното во 2023 година. Ова е чекор наназад од 2022 година, кога тие беа 5,6 пати повисоки“, пишува во Извештајот.
Во Националните енергетски и климатски планови на земјите мора да има како и кога јагленот постепено ќе биде укинат.
„Во Северна Македонија, затворањата се одложуваат, а во меѓувреме не се преземаат никакви мерки за справување со загадувањето. Не може да се имаат двата правци – централите на јаглен или мора итно да се затворат или да се приспособат додека не се затворат – изјави Давор Пехчевски, балкански енергетски координатор во Банквоч.
Во Извештајот е оценето дека „мерењата во Северна Македонија во текот на 2023 година беа особено сомнителни“.
„Ниту една од електраните на јаглен нема континуиран мониторинг, а претходно известуваа само врз основа на пресметките направени од мерењата направени еднаш месечно. Но, во 2023 година, месечниот мониторинг покажа големи варијации во мерењата и тоа се чини несигурно. Така, кога праќаа известувања до Европската агенција за животна средина, властите ги користеа факторите на емисии од 2020, 2021 и 2022 година во комбинација со влезната топлинска енергија за да направат проценка на емисиите од согорувањето на јаглен. Сепак, околу една третина од шесте милиони тони лигнит потребни за работа на битолската централа беа увезени во 2023 година, од различни рудници за јаглен во регионот“, пишува во Извештајот.
Постои забелешка и дека Електрани на Северна Македонија (АД ЕСМ) немаат инвестирано во контрола на загадувањето на електраните на јаглен од 2013 година, кога блоковите 2 и 3 во Битола беа доградени за да се намалат емисиите на азотните оксиди. Како резултат на тоа, емисиите на сулфур диоксид се удвоија откако започна известувањето во 2018 година, а емисиите на прашина, иако благо флуктуираа поради варијациите во работните часови, сепак беа повисоки во 2023 година отколку во 2018 година, евидентира Банквоч.
Во извештајот има и низа поразителни бројки за загадувањето од РЕК Битола. Емисиите на SO2 од согорувањето на јаглен во 2023 година биле малку пониски отколку во 2022 година, но останале екстремно високи на 101.331 тони, а тоа е 6,4 пати повеќе од националниот плафон од 15.855 тони. Емисиите на прашина од производството на електрична енергија на јаглен се малку намалени во 2023 година во споредба со 2022 година, но, со 3.849 тони, тие остануваат повеќе од двојно повисоки од националниот плафон од 1.738 тони. Пријавените емисии на NOx покажуваат пад од околу 20 проценти во споредба со 2022 година.
Најмногу сулфур диоксид во регионот емитувал Угљевиќ од Босна
Во апсолутна смисла, долгогодишниот престапник Угљевиќ во Босна и Херцеговина беше единицата со највисока емисија на SO2 во регионот во 2023 година, со 97.189 тони. Никола Тесла Б во Србија, исто така, имаше екстремно високи апсолутни емисии на SO2 во 2023 година – 92.260 тони, пишува во Извештајот.
Таму се нотирани и посебни постројки со над 10 пати поголема емисија на SO2 од дозволената.
Во 2023 година, овие постројки ги надминаа своите плафони за емисии на SO2 за повеќе од 10 пати: Угљевиќ и Какањ 7 во Босна и Херцеговина, Битола 1 и 2 во Северна Македонија и Костолац А2 во Србија.