
Електроакустичен концерт на „Паспарту дуо“ и „Алембик“ ќе се одржи во КИЦ во Скопје
Концертна вечер со „Паспарту дуо“ (Passepartout Duo, IT/USA) и „Алембик“ (МК) на 12 септември ќе се одржи во Културно-информативниот центар во Скопје, со почеток во 20 часот, во „Салон 19:19“.
Препорачано
„Паспарту дуо“ е состав од Верона формиран во 2015 година од пијанистката Николета Фавари и перкусионистот Кристофер Салвито. Нивната музика е комбинација од електроакустични звуци и амбиентални текстури исплетени во полиритмика, истражувајќи нови начини на синтеза на звук преку електромагнетизам, преку спроводливи текстилни влакна и преку креирање композиции за лесно пренослив инструментариум од дрво и метал, како обид за градење на самоодржлива музичка кариера преку развој на сопствен DIY (Do It Yourself) екосистем и вмрежување со уметници од целиот свет.
Од формирањето до денес бендот е на непрекината турнеја, посетувајќи ги најзначајните уметнички резиденции низ целиот свет. Нивниот интердисциплинарен пристап има доведено до многу соработки, меѓу кои и албумот „Radio Yugawara“, снимен минатата година во соработка со легендарниот јапонски амбиентален состав „Inoyama Land“.
Во 2021 година го дизајнираат првиот електромагнетен синтисајзер Chromaplane. Нивниот „from scratch“ пристап досега има резултирано со издавање неколку ЕП-ја и четири албуми. Ова ќе биде нивен прв настап во Македонија.
Дуото „Алембик“ работи во состав Виктор Танасковски (гитара) и Ива Дамјановски (клавијатури, вокал, теремин). Нивниот прв, истоимен албум е издаден во 2022 година и е посветен на конфликтот, но и на возможната симбиоза на природата и технологијата; претставува музика која се обидува преку самиот процес на нејзиното создавање да го отелотвори овој концепт.
До сега имаат реализирано голем број настапи на домашни фестивали, како и во повеќе европски земји (Чешка, Естонија, Франција, Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Италија). Редовно учествуваат во уметничко-истражувачки проекти. Моментално работат на вториот авторски музички албум.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 297, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-8.9.2025)