
Експрипадниците на ОНА не смеат да се изедначат со бранителите
Се знае кои се македонски бранители – оние што секојдневно работат како да се придушат сите структури што сакаат да го загрозат суверенитетот и безбедноста. Не знам за какво решение станува збор, но секој треба да знае дека независно од националноста, тие ако се дел од Армијата или полицијата, сите се наши бранители и само тие треба максимално да ги почитуваме, вели министерот за одбрана Владо Мисајловски за „Слободен печат“.
Нема шанси Собранието да донесе закон со кој ќе се изедначат поранешните припадници на ОНА со бранителите, едногласни се ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, по најавата на Вреди дека очекува поддршка од владините партнери за закон со кој ќе се реши статусот на експрипадниците на ОНА и правата за нивните семејствата. Ова значи дека ако Вреди реши да го турка законот за ОНА, извесно е дека Собранието ќе се соочи со блокада, а законското решение ќе заглави, исто како и законот за бранителите.
Препорачано
И додека пратеникот од Вреди Ријад Шаќири очекува поддршка на нивниот закон, коалициските партнери му порачуваат дека нема клима во општеството тие што ја нападнале државата да се изедначуваат со бранителите. Од друга страна, пак, ова ќе значи дека и по интерпелацијата на веќе експретседателката на Комисијата за социјална политика, Илире Даути, законот за бранители ќе остане заглавен зашто условот е или закон за двете страни од конфликтот во 2001 година или блокада на законот за бранителите.
Првиот човек на Одбрана Владо Мисајловски за најавите на Вреди за закон за поранешните припадници на ОНА рече дека таква инцијатива ниту постои ниту ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи.

– Се знае кои се македонски бранители. Оние што ја чуваат, ја сакаат и го даваат животот за Македонија, односно оние што секојдневно работат како да се придушат сите структури што сакаат да го загрозат суверенитетот и безбедноста. Не знам за какво решение станува збор, но секој треба да знае дека независно од националноста, тие ако се дел од Армијата или полицијата, сите се наши бранители и само тие луѓе треба максимално да ги почитуваме – вели Мисајловски за „Слободен печат“.
За законот за бранителите што е блокиран во Собранието, министерот вели дека и да го достават, повторно ќе биде блокиран.
– Она што јас можам да го правам за бранителите е да помагам од буџетот со одредени програми и ќе помагам. Завчера се сретнав со бранителите, тие се лути зашто се изиграни. Се ветувало. Сите се свесни дека законот нема да помине и сега најголем проблем за нив е што децата не им се вработени. Јас по закон имам можност, ќе ги викнам сите и, ако може, малку од малку да им помогнеме. Законот е за да може да добијат отштета. Сега нема како, но може ќе има некој модус – вели Мисајловски и додава дека во општеството нема клима за изедначување на бранителите и припадниците на ОНА.
На иста линија е и владиниот партнер ЗНАМ.
– Не може да се изедначат бранителите со поранешните припадници на ОНА. Од Вреди ниту неформално ниту формално не нè контактирале за тоа прашање, а и да нè контактираат нема да прифатиме такво законско решение – ни изјави Бобан Kарапејовски, координатор на пратеничката група на ЗНАМ.

Наспроти категоричното отфрлање од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ за поддршка на закон за поранешните припадници на ОНА, пратеникот Шаќири од Вреди изјави дека во неформални разговори владините партнери не биле против, но дека истакнале дека за тоа е потребно да се создаде клима во општеството.
– Го подготвувам законот со кој поранешните припадници на ОНА и нивните семејства треба да имаат исти права како бранителите. Веќе има драфт-верзија на законот на која работи пратеничката група на Вреди. Во неформални разговори со колегите од ВМРО-ДПМНЕ и од ЗНАМ велат дека ова прашање треба да се реши, но дека за тоа во општеството треба да се создаде клима. Добро би било да се направи сеопфатен закон којшто ќе ги опфати оштетените бранители и припадници на ОНА – вели Шаќири.
Вреди подготвува закон за поранешните припадници на ОНА, очекува поддршка од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ
Токму за блокадата на законот за бранителите првпат во Собранието е изгласана недоверба на претседателка на комисија. Со оглед на тоа дека претседателската функција на тоа работно тело му припаѓа на Европскиот фронт, јасно е дека законот за бранителите ќе остане заглавен кој и да биде новиот претседател. Политиката за тоа прашање на парламентарните партии на Албанците е дека без исти права на експрипадниците на ОНА со бранителите законот за бранители нема да помине.

Ова нема да биде прв обид за законски да се изедначат поранешните припадници на ОНА со бранителите, бидејќи од 2001 година до сега повеќепати партии од албанскиот блок предлагале слични закони кои, пак, никогаш не ја добија поддршката од македонскиот политички блок.
Позициите на партиите од македонскиот политички блок беа и се дека не смее да се поистоветат бранителите со припадниците на ОНА затоа што првите, во согласност со законот и Уставот, учествувале во конфликтот и ја бранеле државата, додека вторите предизвикале конфликт, ја нарушиле безбедноста на државата и дејствувале во насока на насилно уривање на правниот поредок.
Припадниците на ОНА со исти права како и бранителите – Вреди токми закон