
Експертите потврдија: Маслата со кои најчесто готвиме може да го зголемат ризикот од рак на дебелото црево кај младите
Лекарите предупредуваат дека прекумерното користење одредени масла може да го поттикнат растот на туморите. Новата студија открила дека популарните масла за готвење може да се поврзани со зголемување на случаите на рак на дебелото црево кај младите луѓе. Истражувањето спроведено од група предводена од американската влада покажало дека растителните масла, како што се сончогледовото, маслото од репка и канола и пченкарното масло, можат да предизвикаат хронични воспаленија во телото.
Препорачано
Иако претходните истражувања дадоа недоследни докази за поврзаноста помеѓу маслата за готвење и ракот на дебелото црево, оваа нова студија ги идентификува растителните масла како можен фактор на ризик.
Тимот на истражувачи анализирал тумори на повеќе од 80 пациенти со рак на дебелото црево, на возраст од 30 до 85 години. Резултатите покажале зголемување на нивото на биоактивните липиди, масни молекули кои се формираат со метаболизирање на растителните масла, во споредба со мастите од поздрави извори. Биоактивните липиди не само што ги зголемуваат воспаленијата, туку и го попречуваат природниот процес на заздравување на телото, а со тоа овозможуваат раст на туморот.
Истражувачите препорачуваат користење масла богати со омега-3 масни киселини, како што се маслиново и масло од авокадо, како поздрави алтернативи.
Експертите предупредуваат на ефектите од преработената храна
Професорот по хирургија на Универзитетот во Јужна Флорида, Тимоти Јетман, еден од авторите на студијата, изјавил: „Добро е познато дека пациентите кои нездраво се хранат имаат зголемени нивоа на воспаленија во телото. Сега го гледаме истото воспаление и кај туморите на дебелото црево“.
Тој додал дека ракот е како хронична рана која не може да се залекува: „Ако вашето тело секојдневно се потпира на ултраобработена храна, неговата способност за заздравување се намалува поради воспаленијата и слабеењето на имунолошкиот систем, што на крајот му овозможува на ракот да расте“.
Прекумерна употреба на растителни масла
Истражувачите истакнуваат дека растителните масла, богати со омега-6 масни киселини, му се потребни на телото, но во умерени количини. Проблемот е што нивната употреба во современата исхрана драстично порасна.
За да се намали ризикот од хронични болести како што е ракот на дебелото црево, експертите препорачуваат:
– Користете поздрави масла како маслиново или авокадо.
– Намалете го внесот на ултраобработена храна која често содржи големи количини растителни масла.
– Зголемете го внесот на омега-3 масни киселини преку риба, јаткасти плодови и семки.
Сè додека не се добијат повеќе докази, намалувањето на внесот на растителни масла богати со омега-6 масни киселини може да биде едноставен чекор за зачувување на здравјето.