
Експерти: Пензијата не е подарок, таа е стекнато прво од уплатените придонеси
Не може цело време некој да имал ниска плата, а потоа со разни линеарни зголемувања да има поголема пензија. Тоа би било како државата некому да му дава подарок. Тоа не е смислата на пензиите, објаснува професорката Јадранка Мршиќ
Расте револтот на пензионерите, кои протестираат во повеќе градови низ државата. Тие бараат линеарно зголемување на пензиите и лицитираат износ од 3.500 денари, место процентуалното зголемување на сите пензии што треба да се случи во септември. Од СДСМ, пак, велат дека Владата предводена од нивната партија води грижа за пензионерите, од 2017 година до сега ја зголемиле минималната пензија за 46 проценти, а во септември следува следно зголемување. Од Партијата на пензионери, која пак е коалициски партнер во Владата, велат дека има преговори во Владата за донесување ново законско решение за утврдување достоинствен износ на минимална пензија. Оттаму велат и дека партијата изготвила предлог-мерки за солидарна финансиска поддршка на пензионерите со примања до просечна пензија, како решение што би се применувало во сите случаи кога ќе биде загрозена егзистенцијалната стабилност на овие корисници на пензии.
Препорачано
Експертите не се согласни за линеарно зголемување на пензиите, затоа што така се нарушува основниот принцип на пензиите. Универзитетската професорка Јадранка Мршиќ, чија долгогодишна професионална преокупација е токму пензискиот систем, вели дека „пензијата не е подарок, таа е стекнато прво од уплатените придонеси“.
– Пензиите се пресметуваат по точно утврдена формула, а потоа се врши усогласување за да се сочува нејзината вредност, во согласност со инфлацијата и со растот на платите. Линеарно зголемување на пензиите е популистичка мерка, што е применувана неколкупати. Пензијата е стекнато право врз основа на тоа што некој плаќал придонеси. Не може некој цело време да имал ниска плата, а потоа со разни линеарни зголемувања да има поголема пензија. Тоа би било како државата некому да му дава подарок. Тоа не е смислата на пензиите – објаснува Мршиќ.
Таа се сложува дека сме соочени со тешки времиња, со сè уште висока инфлација и затоа смета дека ако им се помага на пензионерите, тогаш тоа треба да се прави надвор од пензискиот систем, преку мерки во рамките на социјалата, преку Министерството за труд и социјалната политика. На пример сега, во време на загрозен животен стандард поради инфлацијата, да им се даде еднократна помош, или ако треба помош во текот на повеќе месеци, но за пензионерите со ниски примања. Таа помош не треба да влегува во пензиите – смета Мршиќ.
Професорката објаснува дека и сега постои минимална пензија, но вели дека таа е многу специфична категорија.
– Минималната пензија сега ги опфаќа оние што го фатиле најнискиот праг за одење во пензија, тука, на пример, влегуваат и земјоделците. Минималните пензии се повеќе еден вид социјална заштита, колку да не oстанат без ништо – објаснува професорката.
Таа вели дека проблемите со пензионерите се многу подлабоки.
– Пензиите се засноваат на платените придонеси. Но, прашање е од колкава плата се плаќале придонесите. Од една страна, сè уште имаме ниски плати, а од друга страна сè уште имаме и плаќање на дел од плата на рака. Ова особено било карактеристично за минатото, па сега се случува образовани луѓе што биле и на добри позиции да имаат многу ниски пензии – вели Мршиќ.
Даночниот експерт Славко Лазовски, кој е и дел од движењето на пензионери „Тука сме“, вели дека движењето се залага за подобар живот на пензионерите, но тоа не опфаќа само подостоинствени пензии, туку и низа други отворени прашања што се наметнуваат за возрасната популација.
– Сепак, нашиот став не е дека треба да се зголемат пензиите линеарно. Ние преку група пратеници во Собранието доставивме предлог-закон според кој бараме минималната пензија да биде 80 проценти од просечната пензија и усогласувањето да се врши двапати годишно. Исто така, двапати, како што е швајцарскиот модел, да се утврдува адекватност на сите пензии, а тоа значи 50 проценти од пензијата да се коригира со растот на инфлацијата и 50 проценти со растот на БДП. Ние се залагаме за подобрување на пензискиот систем – да го изградиме прифатлив и одржлив. Сега, со актуелниот момент и со политиките на Владата, има раст на платите, но тоа нема да биде постојано така и многу пореален параметар е растот на БДП. Со сегашниот модел имаме двапати годишно усогласување на пензиите, и тоа 50 проценти со растот на инфлацијата и 50 проценти со растот на платите – објаснува Лазовски.
Најниските пензии се 11.897 денари, просекот е 19.106
Според последните податоците од Фондот за пензиско осигурување, а кои се однесуваат за јуни, во државава има 337.054 корисници на пензии. Најниската пензија е 11.897 денари, а ја примаат 2.714 корисници. Всушност, има 9 групи на корисници на пензии со минимални пензии, а износите се различни и зависат од тоа кога го оствариле правото на пензија, Во сите овие групи пензионери со најниски пензии има 84.929 корисници, или 25,2 отсто од сите пензионери. Највисоката пензија меѓу минималните пензии е 15.250 денари, а ја имаат 1.355 корисници. Најчестата минимална пензија е во висина од 12.493 денари и неа ја примаат 47.539 пензионери, и тоа се оние што влегуваат во трета група корисници на минимална пензија, кои правото го оствариле по 1 јануари 2002 година.
Највисоката пензија што се исплатува во државава е во износ од 69.803 денари, а ја примаат 75 пензионери.
Просечната пензија изнесува 19.106 денари.