
Експерти од Словенија, Италија, Австрија или Германија ќе утврдуваат дали во приватните болници се вршеле непотребни операции
Министерот за здравство Азир Алиу соопшти дека в понеделник ќе ја имаат листата со имиња на експертите со кои министерството за здравство ќе потпише договор за да утврдат дали во приватните болници во земјава се вршеле непотребни операции кај пациенти.
Препорачано
Еден експерт ќе биде од Словенија, вториот од Италија, а за изборот на третиот во игра се имиња на експерти од Австрија и Германија, потврди Алиу во изјава за ТВ24.
Одлуката за ангажирање на странски експерти според министерот Алиу е со цел поголема објективност и утврдување на вистинската слика.
Тој пред два дена изјави дека приватните здравствени институции ќе мора задолжително да ги отворат нивните бази на податоци за да се следи здравствената патека на секој граѓанин.
-Веќе работи комисија кај нас, ако има законски пречки да се отстранат веднаш, наредната недела, и ќе пуштиме писмо до сите приватни здравствени институции од 15. наредниот месец да мора задолжително да ги отворат базите за да може ние да ги агрегираме сите постоечки информации што се таму во нивните институции. Ова е право на државата. Бидејќи секој граѓанин директно или индиректно придонесува кон здравствениот систем во државата и кон Фондот и затоа, ние мора да бидеме во тек со здравствената патека на секој граѓанин во земјава, рече Алиу.
Директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски вчера упати апел до можните оштетени граѓаните во кардиохирургијата и до сите други пациенти, да поднесат жалби. Изјавата на Клековски доаѓа откако кардиохирургот, Сашко Кедев пред неколку дена изјави дека во некои приватни болници се вршат непотребни интервенции со цел профит, вклучувајќи и стентирања и операции. По оваа изјава МЗ најави формирање комисија со експерти од три различни земји за проверка на работењето во приватните здравствени институции, но и продолжување на контролите во јавните здравствени установи кои се занимаваат со истата проблематика.
Ова следи по обвинувањата на кардиохирургот Сашко Кедев, кој пред неколку дена изјави дека во некои приватни болници се вршат непотребни интервенции – стентирања и операции, заради профит.