Вардариште - Дива депонија - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Вардариште - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Еко-заштитата на Скопје зависи од тоа дали ќе дувне ветар или дали ќе заврне дожд

Мерните станици во Ново Лисиче деновиве покажуваа сериозно загадување на воздухот, особено со ПМ 2,5 и ПМ10 честичките, чии вредности во овие делови од Скопје беа неколкупати над дозволените граници.

Како што скопјани секоја зима очекуваат да дувне ветар и да ги спаси од загадувањето што Скопје редовно го искачува високо на листата на најзагадени градови, така денешниот дожд беше добредојден за да го намали чадењето од „Вардариште“. Се покажа дека само временските услови можат да го олеснат дишењето на граѓаните, во услови кога надлежните со години наназад не се погрижиле да оневозможат да се случи тоа што се случува во изминативе денови – да горат и старата и активната градска депонија во главниот град.

Загадувањето од чадот што се шири од пожарите на депониите „Дрисла“ и „Вардариште“ деновиве се чувствуваше низ целиот град, особено во Ново Лисиче, Аеродром, Гази Баба, Студеничани и Батинци. Мерните станици во Ново Лисиче вчеравечер на пример, покажаа сериозно загадување на воздухот, особено со ПМ 2,5 и ПМ10 честичките, чии вредности во овие делови од Скопје беа неколкупати над дозволените граници.

Притоа, неразбирлив е молкот на Министерството за животна средина, од каде што во изминатите две недели не се огласија ниту со едно соопштение или препорака како да се заштитат граѓаните од загадувањето предизвикано од депониите.

Премиерот Христијан Мицкоски запрашан зошто Министерството и Институтот за јавно здравје молчат во врска со овој проблем, посочи дека нема зголемени параметри што се алармантни, дека визуелно изгледало дека е загадено, но кога биле испитувани параметрите не биле така алармантни. Притоа, не објасни кои параметри би биле според власта алармантни за да се придвижат институциите.

За министерот за здравство Азир Алиу, загадувањето од депониите не им предизвикува здравствени проблеми кај граѓаните

 Заедно со Институтот за јавно здравје анализиравме дали постои некој тип загадување со штета по здравјето на граѓаните. Мирисот на чад се чувствува и не е пријатен. Воздухот во моментот не е на ниво на загаденост што предизвикува здравствени проблеми кај граѓаните. Препорачувам граѓаните да не се движат надвор, каде не е неопходно – рече Алиу по посетата на Градската општа болница „8 Септември“.

Професорот Ивица Милевски од Институтот за географија при ПМФ, пак, смета дека не сме ни свесни колку „отрови“ вдишуваме деновиве.

 По реакциите, ми се чини дека во голем дел воопшто не сме свесни колкава количина „отрови“ вдишуваме деновиве во Скопје и околината (особено кон југ), без прекин, речиси со секој здив. Ова црвеново од Сентинел 5 (состојба за последните 4 дена), веројатно наскоро ќе ги полни клиниките со пациенти од разни сериозни белодробни и секакви други заболувања, а ние ќе продолжиме да си дискутираме за (можеби и) сосема неважни теми. Како да е стотици километри далеку од нас, па воопшто не нè засега. И сѐ така, додека не заглавиме во нашиот феноменален здравствен систем, а тогаш ќе биде малку доцна за реакција, нели – реагираше професорот на Фејсбук објавувајќи мапа од загадувањето во главниот град.

Граѓаните што живеат во најзасегнатите населби, не се согласуваат дека загадувањето е само „визуелно“, но не и алармантно, затоа што директните последици од „Вардариште“ ги чувствуваат секојдневно – секој ден дишат чад и смрдеа, живеат со затворени прозорци и стравуваат да ги пуштат децата да си поиграат на отворено.

Стотина од нив цела недела протестираат и го блокираат сообраќајот кај мостот „Киро Глигоров“ во обид да издејствуваат итна заштита од „Вардариште“. За жал, поголемиот број граѓани својата поддршка ја даваат на социјалните мрежи и оставаат нивната група соседи сами да ја борат и за нивните основни права.

Срамно е, само стотина луѓе доаѓаат на протест иако сите го трпат загадувањето, но затоа илјада се собираат на забавните настани што деновиве се организираат во општина Аеродром и покрај тоа што смрди и тешко се дише – вели за „Слободен печат“ жител на Ново Лисиче.

„Дрисла“ и денеска чади, на „Вардариште“ е поставена екипа за обезбедување од потпалувачи

Сепак, иако протестот нема голема масовност, доби силна поддршка од јавноста, а дел од нивните барања почнаа да се спроведуваат.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов информира дека депонијата „Вардариште“ ќе биде целосно обезбедена и дека веќе е ангажирана агенција за обезбедување, чија екипа е поставена на депонијата. Името на агенцијата не го откри, но нагласи дека станува збор за општествено одговорна компанија, чие ангажирање нема да ја чини Владата ниту еден денар. Ќе се изработи и план за да се спречи непосакуван влез во депонијата и нејзино повторно потпалување, бидејќи постојат сомневања дека и „Вардариште“ и „Дрисла“ се намерно потпалени, затоа што, како што нагласи, самопотпалување не се случило ни во текот на најжешките денови ова лето.

Денеска била одржана седница на Управувачкиот комитет, кој е тело на Владата на која е разгледана можноста за донесување одлука за забрана на движење на територијата каде што се наоѓа Вардариште.

 Се соочуваме со формално правни пречки затоа што на местото веќе има неколку диви куќи… Во суштина ние сме жртви на неколку семејства, кои за да преживеат, го трујат половина Скопје – истакна Ангелов.

„О2 иницијатива“ со петиција бара „Дрисла“ да остане во надлежност на Град Скопје

Тој соопшти дека и покрај врнежите од дожд, на „Дрисла“ сѐ уште имало големо чадење, но во Скопје не се чувствувал чадот затоа што ветрот дувал во спротивна насока, додека на „Вардариште“ барем вчера претпладне запрело чадењето.

На „Дрисла“ продолжува затрупувањето со земја на нејкритичните точки, затоа што не помага гаснењето со вода. Таму вчера се правеа обиди за гаснење и со испуштање специјална пена од ер-трактори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот