фото: facebook/Aleksandar Eftimov

Ефтимов: Рељиќ е девојче со голем сон

Една од најдобрите македонски теквондистки Милијана Рељиќ на денешен ден пред точно една година на 8 август 2024 година на Летните олимписки игри во Париз, Франција, триумфираше во првото коло против двократната олимписка шампионка Џејд Џонс од Велика Британија.

Уште еден доказ за нејзиниот голем талент, патот до успехот никогаш не е лесен, Рељиќ со сето срце, работа и труд секогаш се бори за испишување на нова историја за македонскиот спорт, за македонското теквондо.

– Едно мало девојче со голем сон… Од мало место, без сала, без услови, без скапи тимови и поддршка, без скапи реквизити, без тим од десетици луѓе до најголемата светска сцена, чекор по чекор, со срце што не знае за граници. Пред точно една година, на денешен ден, на најголемиот спортски настан Олимписките игри се случи нешто што ќе го паметиме засекогаш – емотивно пишува Александар Ефтимов, тренер на нашата теквондо олимпијка Милијана Релиќ.

Ефтимов потсетува дека два пати победиле олимписка шампионка, светска шампионка и трикратна европска првенка, девојката која со години беше наш идол, наш мотив.

– Таа имаше зад себе армија: два кондициони тренери, нутриционисти, физиотерапевти, најсовремени услови… а ние? Месец дена пред Олимпијадата немавме ни сала за тренинг. И покрај сè, Мила се бореше храбро и со цело срце за себе и за својата држава. Но тоа што Мила го покажа тој ден беше повеќе од резултат: тоа беше храброст, дисциплина, борбен дух и страст што ретко се гледаат. Во втората борба, само еден поен, еден здив, еден миг не оддели од уште една голема победа – додава Ефтимов.

Првата рунда заврши нерешено, втората еден поен разлика. Скромните почетоци прават најсилни борци. Изминатава година Милијана продолжи со собирање поени за Лос Анџелес 2028, имаше неколку освоени медали на Г-1 натпреварите од светската лига, бронзен во Хрватска, сребрен во Шведска, бронзен во Австрија и значителни поени и од останатите турнири меѓу кои и силниот Европски Президент Г-3 Куп во Софија.

– Следна недела Милијана оди на висински подготовки на планина, на крајот на месецот одиме на Гранд При Челинџ во Муџу, Кореа, веќе од септември стартуваат Г-1 турнирите во Швајцарија и Полска. Најважниот турнир за оваа година е светското првенство во Кина во октомври каде атакуваме на медал – вели тренерот Ефтимов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот