
Една причина зошто Јунајтед сè уште не го отпуштил Аморим
Португалецот Рубен Аморим минува низ многу тешки денови во Манчестер.
Препорачано
Фудбалскиот клуб Манчестер јунајтед наводно сериозно ја разгледува можноста за смена на Аморим, иако до неодамна го бранеа од сите напади на јавноста.
Се чини дека и на челниците им е доста. Минатата сезона завршија дури на 15. место на табелата, а сега веќе имаат три порази во првите шест кола од Премиерлигата и се наоѓаат на 14. позиција. Дополнително, испаднаа од Карабао купот од третолигашот Гримсби, што предизвикува вистинска катастрофа на „Олд Трафорд“.
Клубот вложи многу во доведувањето на Матеус Куња, Брајан Ембуемо и Бенјамин Шешко, но тоа засега не носи резултати. Се отворија бројни дискусии зошто Рубен Аморим сè уште не добил отказ. Главната причина што се споменува е обештетувањето кое би му следувало во тој случај – околу 12 милиони фунти.
Сепак, поранешниот дефанзивец и сегашен аналитичар на „Скај“, Џејми Карагер, смета дека причината е од поинаква природа.
„Мислам дека сè уште е на таа позиција затоа што моќниците во Јунајтед направија премногу грешки досега, и на теренот и надвор од него, па не сакаат да признаат дека направиле уште една,“ изјави Карагер, па додаде:
„Ова е катастрофа и за Манчестер јунајтед и за Рубен. Она што го направи во Спортинг беше фантастично, изгледаше како нова голема работа. Но, да донесеш тренер со систем каков што тој игра – мислам дека едноставно не се совпаѓа со традицијата на Манчестер јунајтед.“