
Еди Рама иронично му одговори на рускиот амбасадор во ОН- „Запрете ја војната и Зеленски нема да зборува“
Рускиот амбасадор Василиј Небензја се спротивстави украинскиот претседател Володимир Зеленски да земе збор. Рама, кој претседава со седницата иронично му се обрати на Небензја: „Прекинете ја војната и претседателот Зеленски нема да земе збор“.
Албанскиот премиер Еди Рама, чија земја претседава со состанокот на Советот за безбедност на ОН посветен на војната во Украина, се скара со рускиот амбасадор зошто прв зборувал украинскиот претседател.
Препорачано
Рама прво објасни дека темата е војната во Украина и оти тоа е причината, дека е така според правилата.
– Сакаме да ве прашаме – врз основа на што решивте да му дадете збор на претседателот на Украина Володимир Зеленски пред да зборуваат членовите на Советот за безбедност, од кои многумина се претставени овде на ниво на претседател и премиер?, праша рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензја.
– Морам да кажам, кога целата оваа лекција за кршење на правилата во оваа зграда доаѓа од вас, тоа навистина е импресивно. Но бидејќи неколку пати повторивте дека прекршувањето е тоа што претседателот Зеленски зборува пред да зборуваат членовите на Советот, имам решение за тоа, ако се согласувате. Вие запрете ја војната и претседателот Зеленски нема да зборува. Она што него го направи овде важен и зошто е важно прво него да го слушнеме па потоа да разговараме, за тоа сте заслужни вие, а не ние, му одговори Еди Рама.
Зеленски отпатува во Њујорк за лично да присуствува на состанокот на Советот за безбедност за прв пат од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година. Советот се состана десетина пати оттогаш, но не можеше да стори ништо во врска со војната, бидејќи Москва има право на вето.
„Украина го применува правото на самоодбрана“, рече Зеленски. Да ѝ се помогне на Украина со оружје, да се воведат санкции и да се врши општ притисок врз агресорот, како и да се гласа за соодветните резолуции, значи да се помогне во одбраната на Повелбата на ОН.
Украина и западните земји успешно дипломатски ја изолираа Русија во ОН, каде 193-членото Генерално собрание со големо мнозинство неколкупати гласаше за осуда на инвазијата и ја повика Москва да ги повлече своите сили. Аргументот е едноставен: Русија ја прекрши Повелбата на ОН од 1945 година.
Зеленски зборуваше и за реформите во ОН, особено за проширувањето на Советот за безбедност, тема која е важна за многу членки на ОН, особено за земјите во развој на глобалниот југ.