Клинички центар / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Еден синдикат „против“, друг „за“ паркирањето во „Лимак“ на докторите од Клинички Центар

Откако министерот за здравство Азир Алиу во неделата соопшти дека Министерството за здравство склучило меморандум за соработка со „Лимак“ па 300 од вработените во Клинички центар ќе мора да ги паркираат своите возила таму па да пешачат 5 минути до работа, во Синдикатот на Клинички стигнуваат поплаки од вработените. Претседателот на синдикатот на Клинички, доктор Предраг Серафимовски за „Слободен печат“ вели дека никој не ги консултирал вработените пред да се донесе одлуката и додава дека проблемот не треба да се решава на овој начин, туку долготрајно и со системско решение. Во минатото Синдикатот на Клинички им нудел решение на минатите министри да се регулира сообраќајот како во клиничките центри во Белград и Љубљана, односно да се избегне некои луѓе да ги оставаат возилата внатре по 12 часови, да има сообраќајна полиција што ќе го регулира сообраќајот итн.

Поплаките се дека оддалечениот паркинг ќе го нарушува работниот процес и ќе предизвика доцнење на персоналот. Доктор Серафимовски исто така ни рече дека во летниот период поради одморите гужвата не е голема и затоа, до септември треба да се искористи времето и да се бара долгорочно чаре за проблемот.

За Синдикатот прифатливо е да се градат катни гаражи во Клинички центар „Мајка Тереза“ ама со нив да управува јавно претпријатие или самиот Клинички центар, а не како што беше планирано со пропаднатата зделка со „Ѓока Костракшн“.

Од Независниот синдикат на здравствени работници и административно технички персонал пак, со различен став за најавеното решение.

-Нашиот став е решавање на овој долгорочен проблем преку изградба на катна гаража каде како инвеститор би бил самиот Клинички центар , Министерство за здравство, или ЈП Паркинзи. Секое решение кое ќе се преземе во меѓу време ние како синдикат го поздравуваме со цел пациентите да можат побрзо да ги извршат прегледите да имаат побрз пристап до бараната Клиника да не губат време и пари. А вработените да имаат свое место, да бидат задоволни и поефективни во работата со пациентите. Здравството е хумана професија и ние сме тука за пациентите, вели за „Слободен печат“ Боби Бојчевски, претседател на НСЗР.

Министерот за здравство Азир Алиу во неделата објави дека привремено решение за проблемот со преголемата фреквентност на паркингот на Клинички центар „Мајка Тереза“ ќе се решава со меморандумот за соработка со „Лимак“. Вкупно 300 вработени што имаат возила, наместо да ги паркираат пред клиниката во која работат, ќе треба да ги паркираат во „Лимак“, катна гаража во која ќе имаат 24-часовен пристап од 1 јули. На прашањето на „Слободен печат“ како Министерството одлучило од 2.500 вработени на Клинички кои точно 300 ќе се преселат со паркинг во „Лимак“, Алиу одговори дека ќе се испратат дописи до Клиниките за можноста, и дека пријавувањето ќе биде на доброволна основа.

Дневно околу 6 илјади луѓе поминуваат низ овој клинички центар а во годишните извештаи на ЈП „Градски паркинг“ паркингот на Клинички фигурира како најпрофитабилен.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот