
Еден од деветте: „Луфтанза“ е финалист на годинешните музички награди ХЕМИ
Центарот за размена на музички иновации (ХЕМИ) ги претстави деветте финалисти на музичките награди на ХЕМИ – HMA 2024!
Препорачано
Со потекло од девет земји во Централна и Југоисточна Европа (Чешка, Естонија, Грција, Унгарија, Македонија, Полска, Романија, Србија, Словенија), овие девет уметници од HMA сега ќе имаат можност за менторство и обука за напредок на нивните вештини и потенцијал, со цел да се развие и нивната музичка кариера на меѓународно ниво!
Покрај тоа, тие ќе имаат пристап до HMA програмата за турнеи, вклучувајќи соработка со букинг менаџери низ цела Европа, нетворкинг активности на деветте партнерски настани на ХЕМИ, како и добивка во износ од 2.000 евра за секој номиниран артист.

На листата од широкиот музички спектар се најдоа девет извонредни европски артисти како што е топлиот и целосно аналоген звук на „Ајланд минт“ (Island Mint) од Чешка, нереалниот вонсветски поп на Ана Канелина (Αnna Kaneelina) од Естонија, танцувачкиот панк ритам на AMKA од Грција, длабоко-психоделичниот грув на „Фрикин диско“ (Freakin’ Disco) од Унгарија, агресивниот и експериментален дух на нашите „Луфтанза“ (Lufthansa) од Македонија, авантуристилните и непредвидливите џезери од Полска – „Имортал онион“ (Immortal Onion), меланхоличната и сонлива нота на романскиот дует Musspell, динамичниот и електро инди-панк на „Кени нија мртав“ (Keni Nije Mrtav) од Србија и енергичниот разигрлив поп на Астрид (Astrid) од Словенија.
Деветте финалисти на HMA беа избрани од пулот на 27-те номинирани артисти во првата фаза на HMA, членовите на меѓународната жири комисија на ХЕМИ кои се претставници на фестивали и музички конференции, простории за настани, букинг агенции, музички здруженија, музички извозни канцеларии и музички медиуми.
ХЕМИ музичките награди е програма за таленти и артисти кои се спремни да развијат меѓународна кариера и се стремат да достигнат нов поширок пазар и публика.
ХМА е организирана од страна на Центарот за размена на музички иновации (ХЕМИ), европска иницијатива која има за цел да поддржи артисти и музички професионалци од Чешка, Естонија, Грција, Унгарија, Северна Македонија, Полска, Романија, Србија и Словенија.
Минатата година меѓу финалистите беше нашата Дина Јашари, а оваа година освен „Луфтанза“ имаше и две други номинирани од Македонија: бендовите „Корпорација Вагина“ и „Фанк шуи“.
(Комерцијален текст)