
Ѕвездата од серијата „Полна куќа“ има рак во трет стадиум: „Прифаќам ако ова е крај на мојот живот…“
На актерот и ѕвезда на серијата „Полна куќа“, Дејв Кулие (65) му е дијагностициран не-Хочкинов лимфом во трет стадиум, откри тој во подкаст, пренесува „Тудеј“.
Препорачано
„Се чувствував како да ме удриле во стомакот… затоа што мислиш дека тоа никогаш нема да ти се случи“, рекол Кулие откако дознал дека има рак.
„Секогаш слушате како тоа му се случува на некој друг“, додал тој.
Кулие откри дека неговиот прв симптом била грутка во препоните и призна дека бил „на иглички“ неколку дена чекајќи да открие дали болеста се проширила на виталните органи, крвта, коските или на кое било друго место.

„Подготвен сум за секоја вест, колку и да е страшна. Имав неверојатен живот. Во мојот живот ги имав најубавите луѓе. Ова беше несекојдневно патување и прифаќам ако ова е крајот на мојот живот“, открил тој што ѝ рекол на својата сопруга Мелиса додека ги чекал наодите.
Кулие дознал дека ракот не се проширил надвор од лимфниот систем. Потоа почнал со хемотерапија, која ја опишал како интензивна и страшна.
„Има денови кога се чувствувам неверојатно. А потоа има и други денови кога само сакам да легнам и нека биде како што мора“, заклучил тој.
Се очекува Кулие да го заврши лекувањето во февруари 2025 година, откако ќе помине шест циклуси на хемотерапија, на секои три недели. Иако дијагнозата на почетокот не му „звучеше охрабрувачки“, Дејв ги увери гледачите на поткастот дека стапката на излекување е ветувачка.