
ДЗСИ прекршочно ќе го казни гинекологот од Битола за смртта на новороденчето, истиот доктор преклани ѝ дозволи на лекарка без лиценца да изведе царски рез
Вонредната инспекција во Клиничката болница во Битола, која вчера го спроведе Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ), констaтирал недостатоци во лекувањето и третманот на родилката В.К., чие машко новороденче почина по породувањето во болницата. Случајот во полиција го пријави вработен на битолска Гинекологија.
Препорачано
За константираните недостатоци, ДЗСИ ќе изрече прекршочни мерки против лекарот-гинеколог М.В., против болницата како правно лице и против директорот на Клиничката болница. Од Инспекторатот велат дека мерките се изрекуваат врз основа на Законот за евиденции во областа на здравството. Исто така, против докторот М. В. ќе биде изречена и прекршочна мерка според Законот за здравствена заштита.
Овој доктор е познат по претходен бизарен случај кој ја шокира јавноста – против него пред две години беше поднесена кривична пријава за злоупотреба на службата и за фалсификување исправа, откако беше утврдено дека ѝ дозволил на својата сопруга од Србија, која немала лиценца да работи како лекар во земјава, да изведе царски рез врз родилка, додека тој и негов колега, кој исто така доби пријава, биле на дежурство. Сопругата на М.В. тогаш доби кривична пријава за надрилекарство.
„Двајцата доктори гинеколози во ЈЗУ Клиничка болница- Битола пречекорувајќи ги своите посебни овластувања во вршење на должноста ѝ овозможле на третопријавената на 01.01.2020 без соодветна лиценца за работа издадена од Лекарска комора на РСМ, да даде медицинска помош, односно да изврши оперативна интервенција, породување со царски рез во операциона сала на Одделение за гинекологија и акушерство врз родилка. По завршувањето на интервенцијата, првопријавениот во оперативниот дневник внел невистинит податок, односно во графата податоци за оператор, ги внел своите податоци и податоците на второпријавениот, а од стариот оперативен дневник отстранил страници на кои третопријавената ги запишала извршените оперативни интервенции на 01.01.2021 година“, соопшти тогаш МВР.
Во врска со стручниот дел од лекувањето и третманот на родилката В.К. и нејзиното починато новороденче, ДСЗИ сега посочува дека ќе иницира стручен надзор, согласно Законот за здравствена заштита.
Во меѓувреме, директорот на Клиничката болница Битола Д-р Александар Обедниковски вчера поднесе оставка од морални причини, а за вршителка на должноста директор е назначена д-р Елизабета Ивановска.
Што пишува во извештајот на ДЗСИ?
Извештајот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат по вонредниот надзор во битолската болница го пренесуваме во целот:
„ДЗСИ вчера изврши вонреден инспекциски надзор во Битолската болница. Од увидот во медицинската евиденција и документација која се води во пишана и во електронска форма, како и од изјавите дадени од докторите гинеколози-акушери кои учествуваа во лекувањето и третманот на родилката, констатирано е дека рВ. К. прв пат се јавила на преглед во установата на 8 април 2023. Прегледот е извршен од дежурниот лекар на Одделението за гинекологија и акушерство д-р М. В.
На 9 април, пациентката е примена на Одделението за гинекологија и акушерство со искреиран упат од истиот дежурен лекар кој претходно го извршил прегледот. Бил направен запис за прием и отворена историја на болеста. По изјава на дежурниот лекар, пациентката била примена на одделението поради болки. Биле направени ЦТГ записи и земена крв за биохемиска анализа со потпис од дежурниот лекар д-р М. В. По приемот на пациентката на Одделението за гинекологија и акушерство на 9 април во утринските часови, по изјава на д-р М.В., дадена ѝ е терапија, по што е пуштена дома поради тоа што „раѓањето не било започнато“. Пациентката била отпуштена дома со препорака ако се јават болки или прскање на воденикот, да се јави на Одделението. Во медицинската евиденција не се внесени дадените препораки и нема отпусно писмо. Исто така, нема евидентирано анамнеза и статус на пациенката од дежурниот лекар кој го извршил приемот.
По изјава на лекарите-специјалисти по гинекологија и акушерство кои биле дежурни во наредната смена, на 9 април пациентката околу 14 часот се јавила на Одделението и по извршениот клинички преглед во амбулантата направен е ЦТГ запис во 14.15 часот. По препораката за прием заради отопчнато породување, со оглед на утврдената состојба при извршениот преглед, констатирано е дека за неа веќе е отворена историја на болест. Пациентката е примена во предродилна сала, направен е ЦТГ запис во 15.00 часот и извршено е породување по природен пат со употреба на вакум екстрактор при излез. Дежурните лекари во наредната смена изјавуваат дека при примопредавањето на дежурството не им било пренесено дека за пациентката В. К. претходно е отворена историја на болест и извршен прием на одделението, ниту пак во рапортната тетратка на докторите или медицинските сестри е евидентиран нејзиниот прием во ноќните часови.
За време на породувањето присутен е и специјалист педијатар-неонатолог. Од увидот во неонатолошкиот картон за лекување и третман на новороденото на В.К. констатирано е дека уредно се пополнети сите рубрики. Родено е живо машко дете со АПГАР 2. По неуспешна 10-минутна реанимација од неонатологот, повикан е анестезиолог и контактирана е ЈЗУ УК за детски болести и побаран е транспорт со инкубатор. И покрај упорната реанимација во траење од 2,35 часа во 18.25 часот констатирана е смрт на новороденото од присутните лекари специјалист педијатар-неонатологот и специјалист-анестезиолог. Телото е предадено на обдукција со пополнети потврда за смрт и лекарски извештај за причина за смрт, а во пријавата за породување тоа е нотирано.
Докторите-специјалисти кој учествувале во лекувањето и третманот на пациентката и новороденото имаат лиценци за работа кои се во рок на важност“, се вели во извешајот на здравствените инспектори.