фото: rkalkaloid.mk

Џонов: Оваа сезона би требало да биде најинтересната ракометна Суперлига

Ракометниот клуб Алкалоид го зголемува интензитетот на тренинзи во пресрет на преселбата на планинската база на Маврово каде што во преден план ќе се работи на физичката спремност. До предвиденото заминување планирано за понеделник, ракометарите во Автокоманда фаќаат ритам на тренинзи и се прилагодуваат на работната атмосфера.

Минатата сезона брзината, колективот и транзицијата во играта беа едни од главните карактеристики на тимот. Следната сезона се очекува да биде уште „побрза“, а еден од играчите што може да го испорача тоа на терен и како крило и како бек е Иван Џонов.

Неговиот напредок е евидентен, а продолжување по нагорна траекторија е приоритет и за него и за клубот. Предизвиците ќе бидат покомплексни и потешки, а точката од каде што почнува сѐ е добрата подготвеност. Тоа е нешто на што се внимателно и планирано се работи од првиот собир.

Ракометарот на Алкалоид, Иван Џонов ги пренесе своите очекувања за сезоната што претстои:

– Веќе неколку дена сме во тренажен процес и подготовките почнаа да добиваат свој ритам на кој се привикнуваме. Во понеделник ќе одиме на Маврово каде што ќе ја одработиме втората фаза. Работиме многу посветено, знаеме колку е битно да се одработи квалитетно овој дел за да може екипата да ја игра својата игра и во одбрана, транзиција, напад… Максимално ќе ги искористиме тренинзите и овде и на Маврово и за физичката подготвеност и за психолошката. Понатаму, како што ќе течат подготовките ќе бидат збогатени со повеќе детали, анализи на противници, за конечно кога ќе дојде моментот да се натпреваруваме да бидеме целосно спремни за предизвиците што ќе бидат пред нас – вели Џонов.

За македонската Суперлига и ЕХФ Европската лига…

– Оваа сезона би требало да биде најинтересната и најквалитетната досега. Неколку екипи имаат сериозно добри состави, многу е вложено и очекувам да биде многу неизвесно и интересно првенство до крајот. Променет е и системот на бодување што ќе го зголеми притисокот врз сите уште од почетокот на шампионатот. Добивме тежок противник во квалификациите за ЕХФ Европската лига. Не треба да се трошат зборови за Хановер, екипа што е во врвот на Бундеслигата. Прв пат ќе играме против Германци, тоа ќе биде нов голем предизвик за нас како екипа, па ќе видиме како ќе изгледа тој дуел. Ние ќе се спремиме за нив, ќе ни биде потребно да играме во најдобро издание за да ја оствариме целта – се зборовите на Џонов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!