
Џим Кери се прости од Вал Килмер: „Ни остави импресивно наследство со извонредни изведби“
Актерот Џим Кери со трогателни зборови се прости од Вал Килмер, неговиот колега од филмот „Бетмен засекогаш“ („Batman Forever“) од 1995 година.
Препорачано
„Со длабока почит се сеќавам на Вал Килмер – човек со неверојатен талент, кој зад себе остави импресивно наследство на извонредни актерски изведби. Неговата брилијантна кариера можеше да се мери само со грациозноста и храброста со кои се соочи со најголемите животни предизвици“, изјави Кери во соопштение до медиумите, изразувајќи сочувство до семејството.
Во „Бетмен засекогаш“, Килмер ја толкуваше улогата на Брус Вејн, односно Бетмен, кој води битка за правда во Готам, додека Кери го играше харизматичниот негативец Ридлер.
Да потсетиме, Вал Килмер почина на 65-годишна возраст, а веста ја потврди неговата ќерка, Мерцедес Килмер.
Во 2014 година му беше дијагностициран рак на грлото, по што помина низ тежок медицински третман – хемотерапија, зрачење и неколку операции, вклучително и трахеотомија, која трајно му го измени гласот и му го отежна говорот. Иако подоцна беше прогласен за излекуван, последиците од болеста значително го обележаа последниот период од неговиот живот.
Килмер ќе остане запаметен како Ајсман во култниот „Топ ган“ („Top Gun“), како и по тоа што беше еден од актерите кои го оживеаја ликот на Бетмен. Публиката исто така го памети по маестралната интерпретација на Џим Морисон, фронтменот на „Дорс“ („The Doors“), во биографскиот филм од 1991 година.
Ова се децата на Вал Килмер, кои беа неговата најголема љубов