
Две третини од сите затвореници во земјава не се првпат во затвор
Затворските економии треба да заживеат, системот располага со голема неискористена работна сила која, како што покажува праксата во други држави, преку сопствени економски активности може делумно да ги покрие потребите, а веќе се преземаат конкретни чекори во таа насока со директорите на затворите во земјава, вели в.д. директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов.
Две третини од луѓето кои издржуваат затворски казни во македонските казнено-поправни установи се рецидивисти, односно повратници, изјави денеска в.д. директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов.
Препорачано
Пандов го сподели овој податок одговарајќи на новинарско прашање во врска со стапката на ресоцијализација на затворениците во земјава, за која рече дека е многу мала, притоа посочувајќи дека кадарот што во моментов работи на оваа проблематика во затворите е обучен и подготвен, но за жал, како што додаде, е многу мал.
– Стапката на ресоцијализација на затворениците е релативно мала. Гледано низ призма на тоа колку повратници имаме, мислам дека за 2023 година, немам податок за 2024 година, околу 67-68 отсто од затворениците во Македонија беа повратници. Тоа значи дека ние имаме никаква или многу мала стапка на ресоцијализација – рече тој, одговарајќи на новинарски прашања пред јавната расправа по Предлог на Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на санкциите.
Според Пандов, има затвори каде што има персонал, но на пример во затворот „Идризово“ има одделенија каде што еден човек опслужува неколку стотини затвореници за ресоцијализација.
– Има стандарди, тоа треба да бидат 30 до 50. Има затвори каде што е тој соодносот, меѓутоа во Идризово не е. Сега, беше прекинат огласот, но по локалните избори десет нови луѓе ќе вработиме во Идризово во делот на ресоцијализација – изјави Пандов.
Тоа според Пандов, е само еден дел, додека вториот дел вклучува заживување на затворските економии, за што, како што посочи, веќе се прават напори и чекори во таа насока со директорите на затворите.
– За жал, ние како затворски систем имаме огромна работна сила, а не ја користиме. Со самото тоа, кога би се смениле тие прилики… а тоа низ пракса е веќе видено во други држави, дека затворите сами, од сопствените економии, обезбедуваат голем дел од економските потреби – изјави Пандов.
Се прават чекори за тоа, вели Пандов, но не може сѐ да се смени преку ноќ, посочувајќи дека ќе се работи на тоа во следните години.
– Тоа што го наследивме беше многу лоша состојба, имавме безбедносни ризици, сега тие се надминати, меѓутоа се работи и на ова и на пробација и на повеќе фронтови се работи за да се помрднат работите и мрднати се. Треба, мора и можат да бидат и многу подобри – изјави Пандов.