Саша Станишиќ и Јане Алтипармаков / Фотографија: Кинотека

Две нови филмолошки изданија беа промовирани во Кинотеката

Во просториите на Кинотеката во Скопје, на 4 април, се одржа промоција на книгата „Кинематографијата на другата Европа“ на Дина Јорданова и на списанието „Кинопис“ број 61, а на истакнатиот филмолог Илинденка Петрушева ѝ беше врачена плакета Почесен уредник на списанието „Кинопис“.

Промотори на двете нови изданија на Кинотеката беа м-р Саша Станишиќ, филмски режисер и проучувач на филмот, и Јане Алтипармаков, филмски режисер и автор.

На промоцијата, исто така, ѝ беше доделена Плакета на Илинденка Петрушева, доајен на филмската мисла и критика кај нас – по повод нејзиното прогласување за почесен уредник на списанието „Кинопис“. Плакетата ѝ ја врачи Владимир Љ. Ангелов, директор на Кинотеката.

– Да се припаѓа на една институција, која е твојот втор дом, е и многу лесно и многу тешко, особено кога си заминуваш од неа. Но, морам да признаам дека многу се радувам што откога престанав да бидам уредник на „Кинопис“ гледам дека се собра една нова генерација филмски критичари, која ги побива моите сомнежи дека веќе нема да има млади луѓе што сакаат да се занимаваат со оваа благородна дејност – рече Илинденка Петрушева, која се потсети и на почетоците на Кинотеката и на првиот број на списанието „Кинопис“, а притоа ги поттикна новите генерации да продолжат со истражувањето на филмската уметност.

Илинденка Петрушева и Владимир Љ. Ангелов / Фотографија: Кинотека

Списанието за историјата, теоријата и културата на филмот и на другите уметности „Кинопис“ во новиот број 61 содржи повеќе анализи на нови филмски остварување, како и рецензии, огледи и осврти кон филмски фестивали што се одржале кај нас во текот на минатата година.

Во Кинотеката се исклучително задоволни и радосни што во областа на издаваштвото, во 2022 година, се реализирани дури четири печатени изданија, што е своевиден зенит во издавачката дејност на оваа институција, имајќи предвид дека досега немало случај да се реализираат повеќе од две изданија годишно, вклучувајќи го и редовното издавање на списанието „Кинопис“ секоја година.

Насловна страница на списанието „Кинопис“ број 61

Објавените изданија се: „Иницијација и покајание“ на доц. д-р Атанас Чупоски, советник-филмолог во Кинотеката (промоцијата на овој стручно-теориски филмски труд се одржа на 27 октомври 2022 година); „Мојот последен здив“ (превод) на Луис Буњуел, култен филмски режисер и поетичар на филмската уметност (промоцијата се одржа на 29 март 2023 година); и „Кинематографијата на другата Европа“ (превод) на Дина Јорданова.

Дина Јорданова е филмолог и теоретичар на филмот од Бугарија, која живее и работи во Канада. Нејзиното поле на интерес е светската кинематографија, со акцент на филмот и филмскиот развој на Балканот, Источна Европа и воопшто – на европската кинематографија. Во нејзините истражувања, таа се фокусира на филмската историја во нејзиниот социо-историски и медиумски контекст, посветувајќи особено внимание на компаративна критичка анализа на меѓукултурната застапеност, специфичните културни сензибилитети и различните етнички идентитети.

„Кинематографијата на другата Европа“ на Дина Јорданова

Во книгата „Кинематографијата на другата Европа“ авторката ги анализира современите источноевропски кинематографии во историски контекст, истакнувајќи ги режисерите што со своите филмови оствариле значајно влијание врз развојот на нови поетики и насоки во рамки на државите во регионот, давајќи им посебно место на двигателите на новите бранови во чешкиот, словачкиот, полскиот и унгарскиот филм, како и на проблемот на конструирањето на националниот идентитет низ филмот.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 174, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 8-9.4.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот