
Две години по нападот на Хамас врз Израел, мирот ниту на повидок, регионот сè подлабоко дестабилизиран
Две години по нападот од 7 октомври на милитатната терористичка организација Хамас врз Израел, кој ја втурна регијата во најтешката ескалација во последните децении, Хамас повеќе не е иста организација — но не е ни целосно уништена, додека регионот сè подлабоко е дестабилизиран.
Препорачано
Ова накратко е сублимат од повеќето анализи на светските медиуми објавени денес по повод годишнината од започнувањето на крвавата воената операција на израелските сили врз милитантната организација во Газа која предизвикаа реперкусии во регионот и драматично ја промени политичката карта на Блискиот Исток.
Набљудувачите велат дека Хамас е ослабен, но не и уништен. Тоа, и покрај огромната надмоќ на израелската војска во огнена моќ и оружје, како и инсистирањето на израелските лидери на „целосна победа“.
„Хамас претрпе многу воени порази, но сè уште има способност да се реорганизира и да ја задржи командата и контролата“, вели Марина Мајрон, истражувачка на Одделот за воени студии на Кралскиот колеџ во Лондон за Дојче Веле.
Пред почетокот на актуелниот бран на борби на палестинската територија, по нападите на Хамас на 7 октомври 2023 година во Израел, се проценуваше дека милитантната група има меѓу 25.000 и 30.000 борци. Во изминатите две години, различни израелски безбедносни извори тврдат дека убиле меѓу 17.000 и 23.000 од нив.

Според германскиот медиум израелската војска низ годините војна не понуди цврсти докази за бројот на убиени борци на Хамас, а многу набљудувачи сугерираат дека бројката може да биде значително помала.
Сепак година по почетокот на конфликтот, „подетални извештаи на ИДФ (Израелските одбранбени сили) за убиени милитанти, со конкретни податоци за временски рамки, локации и операции, опфаќаат околу 8.500 жртви“, објави американскиот монитор за конфликти Податоци за локации и настани поврзани со вооружени конфликти (Armed Conflict Location and Event Data- ACLED) во октомври 2024.
„Оваа бројка вклучува и милитанти од други вооружени групи и можеби други неборбени членови на Хамас.“
Класифицирана израелска база на податоци, цитирана од британски и израелски медиуми, го потврдува тоа. Таа покажува дека до мај 2025 година, само 8.900 именувани борци од Хамас или неговиот сојузник Исламски џихад биле мртви или „веројатно мртви“.
Тоа значи дека над 80% од повеќе од 66.000 убиени луѓе во Газа се цивили, заклучуваат публикациите.
Како започна сè
Конфликтот во Појасот Газа започна со невидениот прекуграничен напад на Хамас на израелска територија, во кој Израел вели дека вкупно 1219 лица биле убиени, а 251 лице било земено како заложници во крајбрежната енклава. Според достапните информации од медиумите денеска Хамас сè уште држи 48 Израелци, од кои се верува дека 23 се живи.

Од друга страна пак според палестинските здравствени власти, контролирани од Хамас, од почетокот на израелската офанзива на крајбрежната енклава загинаа над 67000 Палестинци, пренесе ДПА.
Оваа бројка се смета за веродостојна од Обединетите Нации и голем број меѓународни организации.
Она што е интересно е дека во изминатите две години, Хамас ја променил својата тактика. Па така според АЦЛЕД, сега повеќе функционира како децентрализирана група и се потпира на герилска војна, тактики на напад и бегство и заседи со употреба на експлозиви, наместо да се вклучува во директни борби со израелските војници. Бројот на прекугранични ракетни напади од Хамас значително се намали.
Според израелските власти, голем дел од арсеналот на групата, особено потешкото оружје како ракети, е уништен.
Во областите за кои израелската армија вели дека ги исчистила, мали групи на Хамас често се појавуваат повторно, велат набљудувачите. Веројатно сè уште постои и дел од мрежата на тунели, која овозможува изненадувачки напади и криење на израелски заложници.
Планот на Трамп за Газа, рецепт за нов хаос или конечно решение за Блискиот Исток
Во меѓувреме по стапувањето на американскиот претседател на должност Доналд Трамп и неговото ветување за ставање крај на воениот конфликт на Блискиот Исток, не одеше по терк за брзо смирување на завоените страни. Дотолку, што Трамп од почетокот на неговиот мандат и неколкуте средби со израелскиот лидер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа не произлезе конкретен план за мир и негова реализација.
Деновиве, по месеци интензивни борби и илјадници цивилни жртви, Израел и Хамас се упатуваат кон нова рунда посреднички преговори во Египет. Каиро, кој традиционално игра улога на посредник во блискоисточните конфликти, е домаќин на делегациите што треба да ја разгледаат можноста за прекин на огнот во Појасот Газа.

Преговорите доаѓаат во момент кога меѓународната заедница сè погласно бара хуманитарен пристап до изолираните делови на територијата, каде што условите за живот стануваат неподносливи. Египетските власти потврдија дека главната цел е воспоставување стабилен хуманитарен коридор за доставување храна и лекови, како и ограничен прекин на нападите за време на разговорите.
Израел, според првичните информации, ќе инсистира на гаранции за безбедност и механизми за контрола на оружјето во Газа, додека Хамас бара ослободување на палестински затвореници и обновување на снабдувањето со електрична енергија и гориво. Слични услови беа поставувани и во претходните рунди, но трајно решение никогаш не беше постигнато.

Дипломатите од Обединетите нации, Катар и Турција, исто така, имаат свои претставници во Каиро. Според изворите блиски до разговорите, најголемата пречка останува прашањето за доверба — двете страни и натаму се сомневаат дека другата ќе ги почитува обврските, дури и ако се постигне договор, за кој Трамп притискаше.
Меѓународните набљудувачи оценуваат дека ова е една од последните можности за спречување на поширока регионална војна. Египет, кој има долга историја на посредување меѓу Израел и палестинските фракции, се надева дека преговорите ќе резултираат барем со времен прекин што би овозможил нов дипломатски импулс.
Сепак, искуството од претходните месеци нуди малку оптимизам. Секој прекин досега траеше кратко — по неколку дена тишина следеше нова ескалација. Прашањето е дали оваа рунда ќе донесе промена или повторно ќе остане уште еден запис во долгиот список на неуспешни мировни обиди, наведува порталот „Геополитика“.
Траен мир или само краткотрајно примирје?
Две години по војната меѓу Израел и Хамас, регионот останува длабоко ранет и политички фрагментиран. Преговорите во Египет отвораат можност за намалување на непосредната тензија, со отворање на хуманитарни коридори и договори за примирје, но тие сами по себе не ги решаваат структурните причини за конфликтот — територијалните спорови, безбедносните притисоци и идеолошките поделби.
Притисокот на администрацијата на Трамп, со дипломатски и економски инструменти, може да придонесе за поголема регионална стабилност на краток рок, но неговиот пристап — ориентиран кон брзи решенија и демонстрација на моќ — ризикува да го претвори мировниот процес во инструмент за политичка проекција, а не за одржливо решение.

Со други зборови, во најдобар случај е можна стабилизација преку примирје, кое ќе спречи нова ескалација, но шансите за траен и сеопфатен мир остануваат ограничени. Доколку регионалните актери и меѓународната заедница не обезбедат долгорочни механизми за управување со конфликтот, Газа и понатаму ќе биде зона на тлеачки судири и периодични воени кризи.