Инфективна клиника/ Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Две девојки на 23 и 24 години починаа од ковид-19, едната немала хронични болести

Две девојки на 23 и 24 годишна возраст починаа во последните 24 часа по компликации од ковид-19. Во изминатото деноноќие, според најновиот извештај од Институтот за јавно здравје и Министерството за здравство починаа 17 пациенти на возраст од 23 до 90 години, објави СДК.МК

Дваесет и тригодишната девојка имала хронично заболување, велат од Министерството за здравство. За 24-годишната девојка, оттаму ни рекоа дека била позитивна на ковид-19 и една недела се лекувала во домашни услови со антибиотик, по препорака на матичен лекар.

Поради проблеми со дишењето, 24-годишната пациентка се јавила во болница и е хоспитализирана во еден од Ковид-центрите од Интернистичкиот клинички блок. Поради влошување на состојбата, пациентката во многу тешка состојба е префрлена на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, каде е продолжено со интензивно лекување. Пациентката не одговарала позитивно на терапијата и за цело време ѝ се влошувала состојбата“,  одговорија од Министерството.

Досега во земјава по компликации од ковид-19 починаа 3.545 лица.

Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), за податоци обработени до 4 март, и заведени 3.503 смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години каде е регистриран и највисок специфичен морталитет – 733,7/100.000 жители. Регистрирани се 2.185 смртни случаи кај лица од машки и 1.318 кај лица од женски пол. Од починатите, кај 2.974 (84,9% од лицата за кои има податок) се регистрирани коморбидитети, најчесто кардиоваскуларна болест (1.962), дијабет (878) и белодробна болест (390). Регистрирани се 3 смртни случаи кај бремени жени и 27 смртни случаи кај здравствени работници . Од пријавените случаи 188 (5,4%) починале во вонболнички услови, а 3.315 (94,6%) починале за време на хоспитализација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот