Логото на Јутјуб / Фото: Glyn Thomas Photography / Alamy / Profimedia

Дваесет години Јутјуб: Од кратко видео во зоолошка градина до најголемиот медиум на светот

Јутјуб денеска го слави својот дваесетти роденден и ретко кој можеше да замисли дека оваа платформа, што почна со едно едноставно видео во зоолошка градина, ќе прерасне во најголемата видеобиблиотека на планетата. Првото видео, поставено токму на 23 април 2005 година, беше 19-секундна снимка на соосновачот Џавед Карим пред слоновите во зоолошката градина во Сан Диего. Се викаше „Јас во зоолошката“ и токму од тоа скромно почетно видео започна револуцијата, пишува „Варајети“.

Два децении подоцна, Јутјуб брои повеќе од 20 трилиони видеа. А ако се прашувате колку е тоа активно денес, според податоците од март 2025 година, на дневно ниво се поставуваат преку 20 милиони видеа. Минатата година, гледачите оставаа над 100 милиони коментари секој ден, а креаторите, од своја страна, ставале „ми се допаѓа“ на коментари од над 10 милиони корисници дневно. Допаѓањата? Над 3,5 милијарди дневно. Во 2021 година, Јутјуб ја укина можноста за јавно прикажување на бројот на „не ми се допаѓа“, а се чини дека ретко кој жали за таа одлука.

Во меѓувреме, музичката сцена на Јутјуб исто така доби своја посебна димензија. Над 300 музички видеа досега имаат над една милијарда прегледи. Меѓу нив, најбрзата што стигнала до таа бројка е Адел со „Hello“, која стигна до милијарда за само 88 дена. Веднаш зад неа се Ед Ширан со „Shape of You“ и Луис Фонси со „Despacito“, кои ја достигнаа таа бројка за 97 дена. Следат „Mi Gente“ на Џеј Балвин и Вили Вилијам со 103 дена и „APT.“ на Розе и Бруно Марс, која ја надмина милијардата за 105 дена.

За да го одбележи јубилејот, Јутјуб најави низа новитети и изненадувања. Наскоро, корисниците на Јутјуб ТВ ќе добијат можност да создаваат сопствен „мулти-преглед“ со содржини надвор од спортот. Се планира и проширување на функцијата за гласовно одговарање на коментари – нешто што во текот на 2024 година беше во тест-фаза со ограничена група креатори. Дополнително, ќе се појави и нова опција наречена „Прашај ја музиката“, која ќе креира персонализирана радиостаница според вашето расположение, достапна за сите корисници на Јутјуб Премиум и Јутјуб Мјузик. А за оние кои сакаат побрзо прегледување, Јутјуб воведува нови брзини на репродукција, меѓу кои и 4x, специјално за мобилни уреди.

Летово се најавува целосно ново доживување за гледање телевизија преку Јутјуб. Очекувајте полесна навигација, подобар квалитет на репродукција, поедноставен пристап до коментари, информации за каналите и копчиња за претплата.

Роденденот не би бил вистински без малку забава и носталгија. Затоа, на денешниот ден, Јутјуб постави специјален роденденски „јудл“, верзија на логото инспирирана од познатите гугл дудл-и. Кликнете на логото и ќе ве пречека едно од најлегендарните интернет шеги – нова верзија на „Never Gonna Give You Up“ на Рик Астли, со рикрол изненадување. На неколку од избраните видеа, меѓу кои и првото видео и славниот хит на Астли, лентата за репродукција е обележана со роденденски дизајн, а доколку го лајкнете видеото, ќе се појави мала анимација со бројот 20. За корисниците на десктоп, ако во текот на гледањето напишете „bday“, ќе се активира ретро верзија на плеерот, носталгично потсетување на почетоците.

 

Денес, Јутјуб не само што е најгледаната видео платформа, туку и доминира во целиот медиумски пејзаж. Според аналитичарот Мајкл Натансон, оваа платформа е новиот „крал на сите медиуми“. Во текот на 2024 година, Јутјуб оствари приходи од 54,2 милијарди долари, со што стана втората најголема медиумска компанија, веднаш зад Дизни. Но, очекувањата за 2025 се дека ќе го надмине и „Дизни“, без да се сметаат приходите од нивните тематски паркови и производи, што ќе го направи Јутјуб не само водечки по ангажман, туку и по приходи.

Доколку би бил самостоен бизнис, Јутјуб би вредел помеѓу 475 и 550 милијарди долари, односно околу третина од моменталната пазарна вредност на „Алфабет“, матичната компанија на Гугл.

Според Нилсен, Јутјуб денес е и најголем извор на ТВ-содржина во САД, според времето што гледачите го поминуваат пред екраните. Со тоа, го надмина дури и Нетфликс, како и медиумските гиганти „Дизни“, „Парамаунт“, „Ворнер Брос“ и „Ен-би-си Јуниверзал“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот