Луѓе пазарат во маркет / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Дурмиши: Во новогодишната кошница ќе има околу 600 поевтини производи

Од ССМ повторија дека при креирањето на новите мерки Владата мора да биде ригорозна во постапувањето кон нефер трговските практики и да ги казнува. Од Организацијата на потрошувачите во неколку наврати посочија дека мерките за справување со цените на храната мора да бидат таргетирани

Министерот за економија и труд, Бесар Думиши се уште не ја открива содржината на новогодишната кошница, но вели дека интензивно преговараат со трговците, производителите, добавувачите, коморите и Организацијата на потрошувачите.

-На почетокот на декември ќе се знае кои производи ќе влезат во т.н. новогодишната потрошувачка кошничка и таа ќе биде подновена со други производи, овојпат од сезонски карактер. Листата на производите кои ќе бидат содржани во неа ќе биде подолга и ќе изнесува околу 600 тарифни броеви со огранмичена бруто профитна маржа до 10 отсто – рече Дурмиши.

Од ССМ повторија дека разговараат со Министерството за економија и труд во однос на креирањето на идните мерки, но потребно е трговците или да покажат општествена одговорност или Владата при креирањето на новите мерки да биде ригорозна во постапувањето кон ваквите нефер трговски практики и да ги казнува.

Од Организацијата на потрошувачите во неколку наврати посочија дека мерките за справување со цените на храната мора да бидат таргетирани. Според Маријана Лончар Велкова, претседател на ОПМ, не може во ист кош да се ставаат сите граѓаните, бидејќи нивните потреби и финансии не се исти.

-На пример пензионерите имаат различни потреби, за разлика на пример од помладите граѓани – додава Лончар Велкова. Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, која јавно се изјасни против било каква кошница, оцени дека таа е комплексна мерка, која многу тешко може да се контролира, дотолку повеќе што се знае административниот капацитет на контролните институции.

Претходно, граѓаните ја имаа есенската потрошувачка кошничка која траеше до 31 октомври. Со неа беа опфатени околу 70 производи на кои им беа ограничени профитните маржи.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот