ДУИ на два фронта се бори да го задржи стариот број советници
Мариела Трајковска
Пред
Пратениците Блерим Беџети и Сали Мурати до Уставниот суд поднесоа иницијатива за поништување и за привремена мерка за запирање на примената на одлуката на Владата. Според одлуката, се намалува бројот членовите на советите во одредени општини каде што според методологијата на последниот попис, населението беше поделено на резидентно и нерезидентно
Можно ли е Уставниот суд да направи пресврт во бројот на советници во пресрет на локалните избори, закажани за 19 октомври, во општините каде што со одлука на Владата се намалија членовите на советите поради последниот попис, каде што според методологијата на пописот населението беше поделено на резидентно и нерезидентно. Пратениците од Европскиот фронт Блерим Беџети и Сали Мурати до Уставниот суд поднесоа иницијатива за поништување на одлуката на Владата и за привремена мерка за запирање на примената на таа одлука. Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски не сака да прејудицира ни дали Судот пред локалните избори ќе ја разгледува иницијативата, ниту, пак, за исходот. Иницијативата на пратениците за поништување на одлуката на Владата следи откако Уставниот суд укина одредби од методологијата за спроведување на пописот.
„Заедно со претседателот на нашата пратеничка група Блерим Беџети поднесовме до Уставниот суд иницијатива за поништување на Одлуката бр. 41-841/7 објавена на 24 септември 2024 година. Одлука содржи уредувања во врска со определувањето на бројот на членови на општинските совети. Основен принцип на правната држава е тоа дека сите правни уредувања треба да останат во рамките на уставната рамка и да гарантираат заштита на правата на граѓаните. Поради итноста на прашањето, бараме Судот да ја земе оваа иницијатива во својата агенда со приоритет и да донесе привремена мерка за запирање на примената на спомнатата одлука“, вели во објава на Фејсбук пратеникот Мурати.
Во иницијативата се наведува дека оваа одлука е без правна основа и е во спротивност со уставните начела и со принципите на правната сигурност, откако Уставниот суд на 26 јуни годинава ја укина одлука за методологијата за пописот од 2021 година и како резултат на тоа се елиминираа одредбите за дефинирање на категориите „вкупно резидентно население“ и „вкупно нерезидентно население“.
Костадиновски: Јас веднаш би го ставил како приоритетен
Костадиновски за „Слободен печат“ вели дека секој од судиите што ќе добие предмет секогаш има предвид дали се однесува на некоја темпорална норма, и иако ова не е темпорална норма, се однесува на спроведувањето на изборите, па судиите секогаш го имаат тоа предвид како важен чин за побрзо да се постапува.
– Јас не можам да предвидам. Судиите по деловничкиот акт имаа деловнички рок да постапуваат, кој најдолго е шест месеци, што не значи дека го користат, може и порано да го сработат и да го достават предметот. Судијата си ја води постапката, јас како претседател, ако добијам таков реферат, имам рок за да го ставам на седница и јас веднаш би го ставил како приоритетен – вели Костадиновски.
Д-р Дарко Костадиновски – претседател на Уставен суд / Фото: Слободен Печат / Драган Митрески
Претседателот на Уставниот суд се воздржа од каков било коментар за можниот исход и за последиците од одлуката на Уставниот суд.
Судот на 26 јуни во предметот што опфаќа одредби од спроведената методологија за пописот од 2021 година, укина неколку одредби. Судот тогаш оцени дека означените делови од методологијата не се во согласност со темелната вредност на уставен поредок – владеењето на правото, кое е уредено со член 8 став 1 алинеја 3 и уставната обврска сите прописи да се усогласат со законите и Уставот.
Уставниот суд оцени дека директорот на Државниот завод за статистика ги пречекорил своите надлежности и со подзаконски акт (Методологијата) извршил категоризирање на резидентно и нерезидентно население, за што нема законско овластување, бидејќи Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во РСМ 2021 година, не предвидува категоризацијата на населението да се разработи со подзаконски акт.
Укинувачка, а не поништувачка одлука
Поради фактот што станува збор за укинувачка, а не за поништувачка одлука, Судот напоменува дека Одлуката ќе се применува од моментот кога ќе биде објавена во „Службен весник“, но дека нема да важи ретроактивно за веќе спроведениот попис од 2021 година.
Фото „Слободен печат“ / Драган Митрески
Заднината на реакциите и иницијативите на Европскиот фронт до Уставниот суд следуваат откако по пописот, Владата донесе одлука во некои општини да се намали, односно да се зголеми бројот на советници во зависност од бројот на жителите во тие општини. Во 14 општини се намали бројот на советници, додека во три општини се зголеми. Намалувањето на 14 општински совети е затоа што сега се пресметува само резидентното, а не вкупното население во секоја од 80-те општини и Градот Скопје. Студеничани, Кисела Вода и Карпош ќе имаат побројни совети. Бројот на советници ќе се намали во 14 општини. Гостивар, според усогласувањето од пописот, ќе претрпи најголемо намалување на бројот на советници, односно ќе остане без осум члена: од актуелните 31, по изборите ќе брои 23. Општинскиот совет на Кичево од 23 ќе се намали на 19 советници, Кратово – од 15 на 11, Крива Паланка – од 19 на 15 советници, Куманово – од 33 на 31 член на Советот, а Пехчево – од 11 ќе брои 9 советници. Струшкиот совет ќе изгуби четири советници, односно од актуелните 27 ќе брои 23 советници, Врапчиште – од 19 ќе се намали на 15, Дебарца – од 11 на 9, Желино – од 19 на 15 советници, Јегуновце – од 15 на 11, Ново Село ќе брои минус четири советници, односно од 15 ќе се сведе на 11 и Теарце – од 19 на 15 члена на советот.
Државната изборна комисија (ДИК) на 22 август го донесе упатството за бројот на советници во советите на општините и Град Скопје, според одлуката на Владата. Против ова упатство беше само членката на ДИК Дитмире Шеху од ДУИ, која го обжали упатството пред Управниот суд.
Претседателот на ДИК Борис Кондарко тогаш рече дека тие немаат ингеренции да навлегуваат во содржината на одлуката на Владата и немаат друга можност освен да постапуваат по неа.
– Не можеме ние да навлегуваме во Законот за попис во дефиниција на термините жител, резидент, и така натаму, така што за сето тоа немаме никакво право да го толкуваме како ДИК. За нас е релевантно дека, одлуката, каква е – таква е, таа е легитимна односно е во важност и е во правна сила и ние немаме друг акт и друго законско овластување врз чија основа би постапувале при определувањето на бројот на советници во општините – рече Кондарко.
Заради намалениот број советници Европскиот фронт стави вето, односно не обезбеди Бадентерово мнозинство за измените на Законот за локална самоуправа кој пак, заглави во Собранието.
Почитуван читателу,
Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не.
Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат.
Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.
ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ
СЛОБОДЕН ПЕЧАТ. Е-БИЛТЕН
НЕ ГУБИ ВРЕМЕ! ЗАЧЛЕНИ СЕ И ДОБИЈ ГИ НАЈВАЖНИТЕВЕСТИ НА НЕДЕЛАТА - БЕСПЛАТНО ВО ТВОЈАТА Е-ПОШТА!
СЛОБОДЕН ПЕЧАТ. Е-БИЛТЕН
НЕ ГУБИ ВРЕМЕ! ЗАЧЛЕНИ СЕ И ДОБИЈ ГИ НАЈВАЖНИТЕВЕСТИ НА НЕДЕЛАТА - БЕСПЛАТНО ВО ТВОЈАТА Е-ПОШТА!
СДСМ можно е да изненади и во Кичево и во Струга да истрча со свои кандидати за градоначалници, иако првичната позиција беше во некои општини со мешан етнички состав и со доминантно албанско население социјалдемократите да не номинираат кандидати. Одлуката треба да падне викендов, по состанокот на партиските органи, откако ни на вчерашниот состанок немало …
Славица Савеска-Кењереш е родена и израсната во Скопје, но последните 13 години живее во Осло, Норвешка. По образование е дипломиран економист, но нејзината професионална приказна започнува во новинарските води. Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber Препорачано 1 Ќе гледаме нов спектакл за многу пари: Мајк Тајсон повторно влегува во рингот 2 Што да гледате …