Четиринаесет општини по локалните избори ќе имаат помалку советници
Намалувањето кај 14 општински совети е затоа што сега се пресметува само резидентното, а не вкупното население. На изборите за градоначалници и советници што треба да се одржат наредната година – општините Студеничани, Кисела Вода и Карпош ќе имаат побројни совети.
Седумнаесет општини ќе претрпат измени во бројот на советници на претстојните локални избори што треба да се одржат во октомври догодина. Поради одлуката на Владата за усогласување на податоците од пописот во 2021 година, во три општини ќе се зголеми бројот на советници, а 14 општини ќе бројат помалку советници. Министерот за локална самоуправа Златко Перински за „Слободен печат“ вели дека нема да дозволат опозицијата од техничко да прави политичко прашање и проблем, откако ДУИ во неколку јавни настапи ја обвини власта дека тенденциозно го намалува бројот на советници само во општините со доминантно албанско население.
Намалувањето на 14 општински совети е затоа што сега се пресметува само резидентното, а не вкупното население во секоја од 80-те општини и градот Скопје.
Перински: Да не се политизира техничко прашање
– Станува збор за техничка одлука што се донесе на Владата заради усогласување со податоците од последниот попис. Според член 34 од Законот за локална самоуправа, уреден е бројот на советниците според популацијата што ја има во истата локална самоуправа врз основа на последните бројки што ги добивме како податок од последниот попис. Направено е усогласување на бројот на членови во 17 општини, од кои во три има зголемување на бројот на советници, а во другите 14 има намалување – вели Перински.
На изборите за градоначалници и советници што треба да се одржат во 2025 година, општините Студеничани, Кисела Вода и Карпош ќе имаат побројни совети. Во Студеничани бројот на советници се зголемува од 15 на 19, а во Карпош и во Кисела Вода од 23 на 27 члена.
Бројот на советници ќе се намали во 14 општини. Гостивар, според усогласувањето од пописот, ќе претрпи најголемо намалување на бројот на советници, односно ќе остане без осум члена: од актуелните 31, по изборите ќе брои 23. Општинскиот совет на Кичево од 23 ќе се намали на 19 советници, Кратово – од 15 на 11, Крива Паланка – од 19 на 15 советници, Куманово – од 33 на 31 член на Советот, а Пехчево – од 11 ќе брои 9 советници. Струшкиот совет ќе изгуби четири советници, односно од актуелните 27 ќе брои 23 советници, Врапчиште – од 19 ќе се намали на 15, Дебарца – од 11 на 9, Желино – од 19 на 15 советници, Јегуновце – од 15 на 11, Ново Село ќе брои минус четири советници, односно од 15 ќе се сведе на 11 и Теарце – од 19 на 15 члена на советот.
– Повторувам дека станува збор за техничка одлука врз основа на последните бројки добиени од пописот. Ако некој планира да креира политички проблем, прво да се запраша – зошто во согласност со креирањето на нивните политики во изминатите 20 години сме стигнати дотука каде што сме стигнати. Не би требало од ова прашање да се прави политика. Ова е техничко усогласување на бројот на советниците, кое ние законски мора да го направиме и ќе се однесува за локалните избори што ќе се одржат следната година – вели Перински.
ДУИ не е во право
Опозициската ДУИ обвини дека „етнички нелегитимната власт“, посебно апострофирајќи ја Вреди, повторно политички одиграла на штета на Албанците и го намалила бројот на советниците во општините со претежно мнозинство Албанци, бидејќи се согласила да биде исклучено нерезидентното население. Интегративците излегоа со список на општини каде што се намалува бројот на советници и ги посочија Гостивар, Струга, Кичево, Врапчиште, Желино и Теарце, велат од ДУИ.
Сепак, ДУИ го политизира прашањето и манипулира затоа што, прво – Гостивар, Кичево и Струга се етнички мешани општини, а второ – затоа што бројот на советници не се намалува само во условно доминантно албанските, туку и во доминантно македонските општини. Генералниот секретар на ДУИ Фатон Ахмети, критикувајќи го буџетот за 2025 година, кој го нарече дискриминирачки и без легитимитет, рече дека со владина одлука дијаспората не е предвидена како критериум при распределбата на државните средства за развој на општините.
– Општините со албанско население не само што ќе имаат помалку членови во советите на општините, туку и помалку финансиски средства за економски развој – рече Ахмети.
Вреди ѝ одговори на ДУИ дека пописот се спровел додека тие биле на власт и дека сега нема право да се жалат на евентуалните последици од пописот, зашто кога требало да зборуваат, тие молчеле.
Министерот Перински објаснува дека за промената на бројот на советници поради усогласувањето со последниот попис не се потребни измени на Законот за локална самоуправа зашто во истиот закон, во членот 34, точно е утврдена градацијата врз основа на колку жители локалната самоуправа може да има број на советници. Според членот 34 од Законот за локална самоуправа, бројот на членовите на советот се утврдува во зависност од бројот на жителите во општината и не може да биде помал од девет ниту поголем од 33 члена, и тоа во општините до 5.000 жители – девет советници, во општините кои бројат од 5.001 до 10.000 жители – 11 советници, а тие од 10.001 до 20.000 жители – 15 советници. Општините што имаат од 20.001 до 40.000 жители – 19 советници, од 40.001 до 60.000 жители – 23 советници, од 60.001 до 80.000 жители – 27 советници, од 80.001 до 100.000 жители – 31 советник и општините со над 100.000 жители имаат најмногу – 33 советници.
– Сите одлуки на Владата се објавуваат во Службен весник и од денот на објавата стануваат ефективни. Така што, овие работи се веќе завршени – вели Перински.
И поранешниот директор на Заводот за статистика Апостол Симовски, во чиј мандат беше спроведен пописот, потврдува дека за бројот на советници во општината се смета само резидентното население.
– Нерезидентните во суштина немаат живеалиште тука, имаат адреса зашто имаат документи дека се наши државјани, но се надвор. Особено во локалната самоуправа не користат ништо, ниту, пак, придонесуваат – вели Симовски.