
Дуа Липа го отпушти менаџерот поради неговиот став против пропалестинските рапери: „Тој е поддржувач на израелската војна“
Музичката ѕвезда, Дуа Липа, го отпушти својот долгогодишен менаџер Дејвид Леви, откако тој инсистираше хип-хоп триото „Никеп“ да биде забрането да настапува на Гластонбери, тврдејќи дека тие поттикнуваат антисемитизам, пишува „Дејли мејл“.
Препорачано
Леви потпиша писмо во кое ги повикува основачот на „Гластонбери“, Мајкл Ивис, и неговата ќерка Емили, да ги прекинат врските со пропалестинските рапери од Белфаст, кои ги обвинуваат за поддршка на Хезболах.
Меѓу потписниците се многу други водечки луѓе од музичката индустрија. Писмото беше означено како доверливо, но деталите подоцна беа објавени.
„Дуа се погрижи преку своите луѓе Дејвид Леви повеќе да не работи на нејзината музика. Таа е многу отворено на страната на Палестина, а не се согласува со Дејвид. Таа го смета за поддржувач на израелската војна во Газа и ужасниот третман на Палестинците, а тоа беше многу јасно ставено до знаење преку писмото што тој го потпиша и му го испрати на Мајкл Ивис“, изјави извор за „Дејли мејл“.
Тој додаде дека таа сè уште работи со истата агенција за таленти „Вилијам Морис Ендевор“, но дека таму ја претставува друг агент. И покрај лобирањето на Леви, „Никеп“ настапи на Гластонбери.
Членот на „Никеп“, Мо Чара, е обвинет за тероризам откако наводно покажал знаме на Хезболах на концерт минатиот ноември.