Државниот обвинител Коцевски вели дека не вршел притисоци за предметот со бонусите во СЈО

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски преку соопштение до јавноста ги отфрла како што вели, неоснованите тврдења дека наводно се мешал во предмет во кој повеќе од еден месец постапува Вишото јавно обвинителство Скопје, а за кој, како што додава, до овој момент не е презентиран ниеден доказ.

Согласувајќи се дека јавноста има право да ја знае целосната вистина, укажувам дека: Контролата во Вишото јавно обвинителство Скопје ја опфаќа работата на сите јавни обвинители во тоа обвинителство, а обвинителите кои чесно и одговорно си ја вршеле работата немаат ниту реакции, ниту стравувања, бидејќи знаат дека контролата се спроведува согласно закон. Од позиција на државен Јавен обвинител имав обврска, првпат после повеќе од четири години да извршам надзор над работата на Вишото јавно обвинителство Скопје, бидејќи до мене дојдоа информации и пресуди од Врховниот суд, кои укажуваат на можно нестручно работење на одредени јавни обвинители, како и пријави за закани, притисоци и недолично однесување кон вработени во обвинителството. Овие пријави се доставени и до Советот на јавните обвинители, наводите се документирани и имам обврска да ги проверам, вели Коцевски.

Тој додава дека лажните тврдења за наводни притисоци, почнале веднаш по започнување на контролата.

Тоа само ми потврдува дека ја преземам исправната работа и од тоа немам намера да отстапам. Конкретниот предмет што се наведува воопшто не е предмет на контрола и се споменува само за да се издејствува политички притисок и да ме натера да се повлечам. Но, тоа во ниту еден момент нема да се случи! Кога ја презедов функцијата јавен обвинител дадов заклетва дека оваа функција ќе ја вршам чесно и одговорно и ветување дека ќе ја вратам довербата во јавнообвинителската организација. Тоа и ќе го направам. Сите сознанија до кои ќе дојдам по извршената контрола и сите информации кои деновиве продолжуваат да пристигнуваат до мене имам намера да ги објавам веднаш по завршување на соодветните постапки предвидени во Законот за јавното обвинителство, вели Коцевски.

Тој додава дека до крајот на овој месец контроли ќе бидат извршени и во сите останати виши јавни обвинителства и во ОЈОГОКК.

За сите контроли задолжени се јавните обвинители од републичкото обвинителство распоредени како координатори за соодветните обвинителства со редовен годишен распоред. Според задолженијата, тие ќе треба да го проверат предметното работење на сите јавни обвинители во предметите во кои обвинителите се откажале од жалба или од обвинение. Затоа очекувам нападите кон мене да продолжат со уште поголем интензитет, особено од страна на лица кои со вакви обвинителски одлуки се спасиле од кривичен прогон додека граѓаните очекувале правда, вели државниот јавен обвинител. 

Инаку, претходно вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи тврдеше дека државниот обвинител Љупчо Коцевски наводно му рекол да внимава каква одлука ќе се донесе за предметот со бонусите на СЈО бидејќи партијата ВМРО-ДПМНЕ која поднесе жалба за одлуката на обвинителството раководено од Ислам Абази, не била оштетена странка.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот