Гужва за вадење документи во пунктот во ПС „Пролет“ / Фото: „Слободен печат“- Драган Митрески

„Државен притвор“ за сите со стари пасоши и лични карти, голготата за документи ќе потрае и по 12 февруари

Никој по 12 февруари не ќе може да ја напушти земјава со стариот пасош (без „северна“), ниту со старата лична карта, иако таа ќе важи во домашните институции, старите возачки нема да важат, но полицијата нема да ги казнува возачите што не ги смениле, а сè уште не се знае кога ќе почне дистрибуцијата на налепниците за регистарските таблички

Милион граѓани што сè уште ги немаат заменето пасошите со старото име на државата, по 12 февруари нема да можат да ја напуштат земјата, личните карти со Република Македонија ќе важат додека им трае рокот, но не ќе може со нив да патуваат во соседните земји, старите возачки (без „северна“) дозволи ќе важат до 12 февруари, ама полицијата нема да ги казнува возачите што не ги смениле навреме, а граѓаните што се на работа или на студии во странство, пасошите може да ги заменат или во конзуларните претставништва или во земјава, но по 12 февруари не може да влезат со стариот пасош, туку со патен лист.
Овие се последните информации во врска со личните документи на граѓаните што најдоцна до 12 февруари треба да бидат усогласени со Преспанскиот договор и во сите да стои сегашното уставно име на државата: Република Северна Македонија. Сè уште не се знае кога ќе почне дистрибуцијата на налепниците за регистарските таблички – последната информација од МВР е од декември и во неа се вели дека тие ќе се делат во станиците за технички преглед при регистрацијата на возилата, а ќе може и возачите да појдат во станиците за да ги подигнат.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека личните карти на граѓаните со старото име на државата ќе важат во внатрешниот промет во земјата сè додека им трае рокот на важност, без разлика во која година истекува. Од таму нè информираа дека од 5 јули 2021 година до 16 јануари 2024 година се издадени 1.050.439 лични карти, 1.211.776 пасоши и 546.741 возачки дозволи.

Народниот правобранител Насер Зибери вели дека на оваа тема побарал писмен одговор од МВР, но сè уште не го добил.

– Прашавме што се подразбира под тоа дека „личните карти за внатрешна употреба ќе важат и по 12 февруари“, а со цел да не се случи граѓаните дома да не можат да користат услуги за кои им се потребни личните карти, а такви знаеме дека не се малку. Се надевам дека личните карти ќе важат сè додека и последниот граѓанин не ја смени зашто во спротивно проблемите што ги создава овој процес ќе се мултиплицираат, а тоа никој не го посакува – вели Зибери за „Слободен печат“.

За проблемот со пасошите, што настана затоа што МВР нема доволно капацитети за издавање, неодамна претседателот Стево Пендаровски најави дека во договор со Грција може да се издејствува рокот на старите патни исправи да се продолжи до септември или до октомври, со што не се согласија експремиерот Димитар Ковачевски и министерот Бујар Османи, кој рече дека за такво нешто треба со двотретинско мнозинство да се смени уставниот законик за спроведување на Преспанскиот договор. Со идеи за брзо решавање на проблемот се јави и новиот технички министер за внатрешни работи Панче Тошковски, но грчкиот одговор стаса вчера и е негативен – без нови пасоши и налепници на регистарските таблички, нема влез во Грција.

– Договорот од Преспа е меѓународен, има сила над сите законски одредби и не може еднострано да се менува од никоја од двете страни – рече грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис од говорницата на грчкиот парламент.

Тој е категоричен дека обврската за промена на пасошите и на регистарските таблички на возилата до 12 февруари мора да се запази и најави дека МНР на Грција ќе инсистира верно да се почитуваат обврските од Преспанскиот договор. За трите меморандуми со Македонија што сè уште не се донесени за ратификација во грчкиот парламентот, Герапетритис рече дека „апсолутно зависат од верното и строго почитување на одредбите на Договорот од Преспа“.

ВМРО-ДПМНЕ пред две недели поднесе иницијатива до Уставниот суд за процена уставноста на измените на законите за патните исправи и за безбедност на сообраќајот од 2021 година, со кои се изврши усогласување со роковите од Преспанскиот договор за пасошите и за возачките дозволи. Партијата тогаш побара од Уставниот суд да донесе привремена мерка со која пасошите и возачките дозволи ќе важат и по 12 февруари и изрази очекување дека Судот ќе постапи брзо и ефикасно.

Од Уставниот суд за „Слободен печат“ велат дека активно се работи на предметот, кој е во фаза на претходна постапка и во овој момент немаат многу детали.

Од Министерството за надворешни работи потсетуваат дека рокот на старите пасоши истекува на 12 февруари и по тој датум, без нови патни исправи нашите државјани не ќе може да ја напуштат земјата.

– Државјаните на Република Северна Македонија што престојуваат во странска држава по која било основа и кои до 12 февруари 2024 година немаат извадено нови патни исправи, можат да се вратат во државата со патен лист, издаден од најблиското дипломатско конзуларно претставништво на Северна Македонија – велат од МНР.

Оттаму објаснуваат дека македонските државјани може да се фотографираат во најблиското дипломатско конзуларно претставништво во кое има базна или мобилна станица, преку телефонско закажување или по имејл. Процедурата за добивање пасош од денот на сликањето трае околу 30 дена. Пасошот се подига во амбасадите или, со потпишување изјава, може да се добие по брза пошта. Претставништва со базни станици има во Минхен, Бон, Берлин, Берн, Виена, Љубљана, Лондон, Њујорк и Чикаго, а со мобилни станици во Брисел, Стокхолм, Венеција, Торонто и во Мелбурн.

– Ги повикуваме државјаните што се во странство, а кои немаат можност да се стекнат со нови патни исправи преку дипломатските и конзуларните претставништва, тоа да го направат во земјава, вклучувајќи сликање и подигнување на новата патна исправа, поради неможноста тие да се достават преку пошта – велат од МНР за „Слободен печат“.

Министерот за внатрешни работи Тошковски деновиве најави дека ќе направи сè што може граѓаните да не останат, како што рече, заробени и без документи по 12 февруари.

– Физички е невозможно да бидат издадени сите документи до законски утврдениот рок. Најголемиот проблем е самото печатење и издавањето на пасошите. Проблемот може само да се ублажи со добра организација, со соодветно менаџирање и прераспределување на човечките ресурси што ги има МВР. Може да се подобри ситуацијата како во делот на фотографирање на граѓаните, така и во делот на издавање. Веќе дадов соодветни наредби да се повлечат одреден број луѓе од други сектори и да се прераспределат во овој дел каде што е алармантна ситуацијата – вели Тошковски.

Тој информираше дека во МВР деновиве пристигнале 50.000 обрасци за пасоши, а се очекуваат уште 250.000. Со досегашното ниво на изработка од 50.000 пасоши месечно, според Тошковски, ќе биде потребна една година за да се издадат пасоши за сите државјани на Македонија.

Народен правобранител: Граѓаните може да бараат заштита од Уставниот суд

Народниот правобранител Насер Зибери вели дека граѓаните имаат повеќе опции кому да се пожалат што им е нарушено уставното загарантираното право на слободно движење.

– Уставот го гарантира правото на слобода на движење и прецизно одредува во кои услови може да биде ограничено. Со неиздавањето валидни документи, на граѓаните им се прекршува ова право. Тука мора да се земат предвид сите патувања во странство – лекување, посета на семејствата, одмор, студии, работа, склучување бизнис зделки и слично. Секој граѓанин може да поднесе претставка до канцеларијата на Народниот правобранител, да достави поплака до Министерството за внатрешни работи, а воопшто не е спорно дека заштита на своите права може да ги бара во постапка пред надлежните судови како и пред Уставниот суд – вели Зибери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот