Скопје есен плоштад фонтана
Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Државата со грантови ќе ги поттикнува младите за започнување бизнис

Владата со грантови од седум и десет илјади евра ќе ги потикнува младите да отворат сопствен бизнис. Како што најави министерот за економија, Бесар Дурмиши на прес-конференција за граѓаните над 29 години се доделува грант од 430.500 денари (околу 7.000 евра), додека за лицата до 29 години поддршката е до 615.000 денари (10.000 евра) за започнување сопствена дејност.

Државна помош ќе има и за лицата со попреченост за кои се предвидени средства до 250.000 денари над основниот грант, со цел да се создадат еднакви услови за сите заинтересирани.

Рокот за аплицирање е до 20 јуни, а право на учество имаат невработени лица евидентирани во Агенцијата за вработување, рурални жени, корисници на гарантирана минимална помош, лица со попреченост, жени жртви на семејно насилство, повратници од странство и граѓани кои сакаат да ја формализираат својата дејност.

Двете мерки вклучуваат и целосна поддршка преку обука за претприемништво, изработка на бизнис план и шестмесечно менторство, со цел граѓаните не само да добијат финансиска поддршка, туку и знаење и насоки за успешно водење на сопствен бизнис.

– Нашата цел е јасна – да поддржиме што повеќе граѓани кои сакаат да градат нешто свое на одржлив и легален начин. Ова не е само финансиска помош, туку и директна инвестиција во потенцијалот на граѓаните и развојот на економијата. Ова не е само ветување, туку создавање реални можности за вработување и развој – изјави министерот Дурмиши.

Како што објасни Дурмиши, од јавниот повик се исклучени одредени дејности – дел од земјоделските активности, такси превоз, игри на среќа, осигурување и посредување при вработување. Сепак, за рурални жени и лица со попреченост важат одредени исклучоци, согласно со постојната регулатива.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот