Од колекцијата на Фармацевтскиот музеј на Универзитетот во Базел / Фото: Basel University

Древен лек од глина може да го подобри здравјето на современиот дигестивен систем кај човекот

Научниците открија дека древна медицинска глина позната како лемносова земја (од грчкиот остров Лемнос) може да даде нови идеи за тоа како да се зачува денешното здравје на дигестивниот систем, пишува „Фис.орг“.

Научниците исто така мислат дека лемносовата земја веројатно била прототип на модерната медицинска таблета во првиот милениум п.н.е., бидејќи била обликувана форма на мала таблета, со жиг и се консумирала со течност како што е виното.

Истражувачите од Универзитетот во Глазгов, Универзитетот во Стратклајд и Техничкиот универзитет на Крит укажуваат на можноста дека лековитите својства на оваа таблета биле резултат на намерна комбинација на одредени глини и некои габи. Студијата сугерира дека таквата комбинација може да произведе соединенија кои имаат позитивен ефект врз цревните бактерии, придонесувајќи за рамнотежа на цревниот микробиом – важен фактор за целокупното здравје.

Точниот рецепт за правење на лемносовата земја останува нејасен и можеби се променил со текот на времето, велат истражувачите. Податоците покажуваат потенцијален механизам за тоа како габите со глина можат да бидат значајно средство за модификација на микробиомот за да се спречи развојот на воспалителни болести и евентуално да се ограничат цревните инфекции. Затоа, тие укажуваат на начините за понатамошно развивање на потенцијалот на древниот лек од глина во контекст на 21 век.

Повеќе од 2.500 години, лемносовата земја е ценета како лек против отров и, во постсредновековната ера, дури и против чумата.

„Нашето истражување започна пред неколку години на островот Лемнос на северот од Егејското Море во Грција. Со испитување на примероци од периодот 16-18 век, откривме дека содржат одредени видови габи кои ги нема во природната глина на островот“, велат авторите на студијата.

„Затоа се запрашавме дали се дел од оригиналниот рецепт. Античките текстови зборуваат за ритуал на ‘благослов’ кој вклучува пченица и јачмен, сугерирајќи дека овие зрна – често заразени со габи за време на складирањето – можеби биле намерно додадени“, додаваат авторите.

По тестирањето на примероците од Универзитетот во Базел, истражувачите произведоа свои габи и глина во контролирана средина за да создадат биоактивни соединенија.

„Нашата реконфигурирана лемносова земја од 21 век покажува дека овој древен лек има потенцијал да придонесе за добро здравје на цревата кај луѓето денес“, рекол професорот по имунологија Сајмон Милинг.

Тестирањето покажа дека комбинацијата на смектитна глина и габи има широки антибактериски својства и позитивни ефекти врз цревниот микробиом.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот